„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот теснец зависи од исполнувањето на тие услови. Само решение постигнато преку преговори може да ја извлече ситуацијата од актеулниот ќорсокак во која се наоѓа“, напиша шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи на социјалните мрежи
Иако претходно го отфрли мировниот план на Техеран, американскиот претседател ја остава отворена вратата за изнаоѓање дипломатско решение. Тој во телефонски разговор за американскиот портал „Аксиос“ вчера изјавил дека очекува американските преговарачи да учествуваат на дополнителни разговори со иранската страна, што би требало да се случат оваа недела
Иран останува на ставот дека само дипломатско решение може да го реши конфликтот со Соединетите Амарикански Држави (САД) и Израел, откао американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го отфрлил планот на Техеран за повторно отворање на Ормускиот теснец и прекин на непријателствата, пишува Ројтерс.

„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот теснец зависи од исполнувањето на тие услови. Само решение постигнато преку преговори може да ја извлече ситуацијата од актеулниот ќорсокак во која се наоѓа“,
напиша шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи на социјалните мрежи.
За потсетување, Иран минатата недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк објави мировен предлог, наведувајќи дека тој им бил пренесен на Американците преку катарски посредници. Трамп во саботата изјави дека го отфрлил планот, тврдејќи дека очајот е она што ги тера Иранците да бараат договор за овој клучен воден пат
„Тие сакаат веднаш да склучат договор за отворање на Ормускиот теснец бидејќи трпат огромни загуби“,
им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Сепак, американскиот претседател ја остава отворена вратата за изнаоѓање дипломатско решение. Тој во телефонски разговор за американскиот портал „Аксиос“ вчера изјави дека очекува американските преговарачи да учествуваат на дополнителни разговори со иранската страна, што би требало да се случат оваа недела.
„Чекаме посредниците да ни ги пренесат конечните ставови и врз основа на нив ќе донесен одлука“,
вели иранскиот министер за надворешни работи.
Соединетите Американски Држави воведоа економска блокада врз Иран со цел да извршат притисокцврз Техеран да ги запре нападите врз бродовите во Ормускиот теснец кои драстично го намалија поморскиот сообраќај во овој регион, иако Трамп постојано тврди дека САД ја имаат контролата врз овој стратешки важен поморски пат.
Иранскиот министер за одбрана, Амир Хатами, изјави дека ситуацијата е во критична и одлучувачка фаза, додавајќи дека Техеран нема да прифати ситуација во која не може да тргува, додека странските сили ги користат стратешките водни патишта во регионот.
„Ако Иран не може да тргува, ако Иран не може да опстане, никој нема да може да тргува или да опстане“,
рече тој, според извештаите на тамошните државни медиуми.
Саудиска Арабија сè подлабоко вовлечена во војната на Блискиот Исток
Претходните дипломатски обиди за прекин на војната, која започна на 28 февруари годинава со напади на САД и Израел, досега не вродија со плод. Оттогаш, конфликтот се одвива со наизменични прекини на непријателствата и нови напади, во кои досега загинаа илјадници луѓе, а судирот доведе до слабеење на иранските конвенционални воени сили и штета врз економијата на земјата, која и онака беше во тешка состојба.
Иран и неговите сојузници одговорија со проширување на конфликтот низ целиот регион, вршејќи напади со беспилотни летала и ракети врз земји од Заливот каде САД имаат свои бази, а сојузниците на Техеран, јеменските Хути, почнаа со напади врз владини цели во земјата кои ја имаат поддршката на Саудиска Арабија.
Инаку, Саудиска Арабија, најголемата земја во Заливот, во текот на овој месец беше вовлечена подлабоко во војната откако борците на Хутите напредуваа во Јемен, поразувајќи ги силите на владата поддржана од Ријад и загрозувајќи го протокот на саудиска нафта преку Црвеното Море.
Имено, Хутите, како што наведува Ројтерс, постојано вршат напади врз територијата на Саудиска Арабија, а како можен знак за понатамошна ескалација агенцијата ја пренесува информацијата дека родителите на децата во Ријад вчера добиле известување дека наставата во текот на оваа недела ќе се одвива од далечина, односно онлајн. Во ивестувањето не била била наведена причината за ваквата одлука, а засега нема одговор од саудиските власти на барањата за коментар.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Јемен, кое е под контрола на Хутите, соопшти дека седум лица загинале, а 40 биле ранети – меѓу кои и деца – при напад врз продавници на пазар во провинцијата Таиз, во југозападниот дел на земјата. Подоцна, меѓународно признатата влада на Јемен соопшти дека нејзините сили извршиле напад врз воен камп и возила на Хутите на наведеното место.
Последиците од конфликтот
Иранците, исто така, разговараа со своите саудиски ривали за прашањето на Ормускиот теснец за време на кратките дипломатски активности во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН, нагласувајќи ја сериозноста на конфликтот што трае веќе седум месеци, а кој го попречи протокот на нафта низ клучна поморска рута и негативно влијаеше врз глобалната економија.
Шефот на иранската дипломатија Арагчи во петокот во изјава за новинарите во Обединетите нации рече дека предложениот договор би го означил почеток на седумдневно одбројување до повторното отворање на теснецот и прекин на борбите во регионот.
„Доколку постои сериозност од страна на САД за постигнување договор и повторно отворање на Ормускиот теснец, сè е подготвено“,
изјави Арагчи.

Тој додаде дека ако САД се согласат, завојуваните страни би можеле да започнат пошироки разговори „за теми за кои постои заедничка согласност“.
Тоа потенцијално би можело да вклучи и разговори за иранската нуклеарна програма, пишува Ројтерс. Имено Трамп како клучна цел на воената кампања врз Иран го наведе спречувањето на Техеран никогаш да развие атомско оружје, уништување на способноста да земјата да ги напаѓа своите соседите и создавање услови Иранците да го соборат актуелното раководство.
Американскиот претставник во Обединетите нации, Мајк Волц, во неделата во интервју за емисијата „State of the Union“ на Си-ен-ен изјави дека Трамп го отфрлил иранскиот предлог бидејќи тој барал итно укинување на санкциите и одмрзнување на средствата.
„Значи, суштината е дека тие бараа сè однапред, со ветување дека потоа ќе разговараат. Претседателот едноставно не е убеден дека Иранците настапуваат со добра волја и дека навистина ќе преговараат за запирање на нивната нуклеарна програма“,
рече Волц.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во интервју за емисијата „Face the Nation“ на Си-би ес, изјави дека Техеран е подготвен за разговори за својата нуклеарна програма и други прашања, но нема да прифати „насилничко однесување или принуда“.
„Иран не бара војна, но ќе се брани од притисоци, закани и напади“,
рече Пезешкијан, додавајќи дека земјата веќе се согласила оти „не треба да развива нуклеарно оружје“.
