Вучиќ, како што пренесе Н1, на Брнабиќ ѝ го предаде претседателскиот печат, потоа документите за помилување, како и други документи поврзани со неговото вршење на функцијата
Според Законот за претседател на Република Србија, Ана Брнабиќ функцијата вршител на должноста претседател на Републиката може да ја извршува најмногу три месеци
Досегашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, кој вчера си поднесе оставка од функцијата, утрово ѝ ги предаде претседателските должности на Ана Брнабиќ, која ја извршуваше функцијата претседател на српскиот парламент, пренесоа тамошните медиуми.

Брнабиќ сега е вршител на должноста претседател на Република Србија.
Вучиќ, како што пренесе Н1, на Брнабиќ ѝ го предаде претседателскиот печат, потоа документите за помилување, како и други документи поврзани со неговото вршење на функцијата.
За време на примопредавањето на должноста, Вучиќ ѝ подари букет розови рози на Брнабиќ, напоменувајќи дека денеска ѝ е роденден.
„Морам да му се заблагодарам на Александар Вучиќ за неговата борба за Србија. Мислам дека никогаш претходно не сме имале таков претседател, дека Србија никогаш веќе нема да има претседател кој жртвувал толку многу и оставил сè друго настрана за доброто на Србија. Чест ми е што ја примам оваа должност од таков човек и што можам да ја чувам додека народот не избере кој ќе биде новиот претседател“,
рече Брнабиќ.
Таа исто така истакна дека „цел живот се борела против печатот, а сега го има најважниот печат во Србија“.
Досегашниот српски претседател Александар Вучиќ вчера попладне поднесе оставка од функцијата на прес-конференција организирана во Претседателството на Србија, наведувајќи дека ваквиот потег го прави за да учествува во тековната изборна кампања за предвремените парламентарни избори како обичен граѓанин.
Вучиќ е носител на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 25 октомври.
Во вчерашното обраќање, тој рече дека служел верно, чесно и праведнo, како и дека донел одлука да помилува 49 лица. Дванаесет од помилуваните се од „Новосадската група“, додека останатите единаесет што ги помилувал се лица кои учествувале во инцидентите од „другата страна“. Рече дека помилувањето и аболицијата се акти на милост, на кои пристапил поради возраста на оние на кои се однесуваат, без разлика дали се виновни или не за делата за кои се товарат.
Тој повторно ги отфрли обвинувањата дека на собирите бил употребен „звучен топ“ и дека бил вмешан во аферата „Јовањица“. Вучиќ се осврна и на резултатите на власта, а кажа и дека неговиот наследник на претседателската функција ќе мора да ги чува националните интереси на Србија и интересите на српскиот народ на Косово.
Кои се овластувањата на Брнабиќ
Инаку, според Законот за претседател на Република Србија, Ана Брнабиќ функцијата вршител на должност претседател на Републиката може да ја извршува најмногу три месеци, пишува Н1.

Вршителот на должноста претседател на Републиката е овластен да ја претставува Србија во земјата и во странство, да прима писма за отповикување и акредитации од странски дипломатски претставници, да распишува избори за Народното собрание, да му предлага на Народното собрание кандидати за функцијата премиер, да врши надлежности во областа на српската одбрана и да командува со српската армија.
Во случај кога мандатот на претседателот на Републиката завршува пред времето за кое е избран, претседателските избори се распишуваат така што гласањето се одвива најдоцна во рок од три месеци од денот кога завршува мандатот на претседателот на Републиката.
Исто така, предвидено е дека од денот на распишување на изборите до денот на гласањето не можат да поминат помалку од 30, ниту повеќе од 60 дена, што значи дека последниот датум за одржување на претседателските избори е 27 декември.
