Во последната јавна изјава на 6 мај претседателот на СОНК, Неделков, рече дека колку брзо ќе се стави крај на спорот ќе зависи и од Министерството за финансии кое пресметува дали може да се надмине последната владина понуда од 12 отсто раст на платите
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК и Министерството за образование и наука (МОН) денеска ги продолжуваат преговорите за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и за дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
Денешната средба е за закажана во 10 часот во просториите на СОНК.
Синдикатот штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок од 10 дена истече во неделата.
СОНК и МОН на 8 мај се договорија да ги продолжат преговорите за уште десет дена.
Во последната јавна изјава, претседателот на СОНК, Неделков, рече дека колку брзо ќе се стави крај на спорот ќе зависи и од Министерството за финансии кое пресметува дали може да се надмине последната владина понуда од 12% раст на платите.
„Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Сепак има тука нијанси на размислување за дополнително зголемување на оние 12% меѓутоа кога и за колку, тоа се детали што се уште ги утврдуваме. За жал, министерот не може да излезе официјално со став бидејќи се уште ги нема точните информации од Министерството за финансии“,
изјави Неделков на 6 мај.
Просветните работници бараа покачување за 18,4 отсто, а властите ветија 12 отсто, но досега не дојде до заеднички договор.
Вчера Владата донесе одлука да нема продолжување на учебната година, прашање што се покрена по речиси тринеделниот штрајк на вработените во основните и средните училишта.