Нова средба ќе има в недела кога практично истекуваат првите 10 дена предвидени со закон за да се реши спорот. Ако не се склучи спогодба и по дополнителниот законски рок, синдикатот планира да го реактивира штрајкот
Се уште нема договор. Преговорите течат. Колку брзо ќе се стави крај на спорот ќе зависи и од Министерството за финансии кое пресметува дали може да се надмине последната владина понуда од 12% раст на платите, соопшти лидерот на СОНК Јаким Неделков кој присуствуваше на третиот состанок помеѓу работните групи на синдикатот и МОН со посредникот.
„Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Сепак има тука нијанси на размислување за дополнително зголемување на оние 12% меѓутоа кога и за колку, тоа се детали што се уште ги утврдуваме. За жал, министерот не може да излезе официјално со став бидејќи се уште ги нема точните информации од Министерството за финансии“,
изјави Неделков.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, има пооптимистичка изјава и вели дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение, иако МТСП не е страна во овој спор.
„Министерството за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор… Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието“,
рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање при посетата на Струмица.
Таа смета дека треба да му се остави време на медијаторот и на двете страни во спорот да ги водат преговорите и да известат за она што ќе биде одлучено на седниците на одборите што се формирани согласно законот за мирно решавање на спорови.
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката. Медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.
Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за нивно усогласување со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на Синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно да почнат со работа, а вработените во училиштата останаа и понатаму да штрајк, кој е ставен во мирување на 28 април по стартот на медијацијата.
Нова средба ќе има в недела кога практично истекуваат првите 10 дена предвидени со закон за да се реши спорот. Ако не се склучи спогодба и по дополнителниот законски рок, синдикатот планира да го реактивира штрајкот.