Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК и Министерството за образование и наука (МОН) на денешната онлајн средба се договорија да ги продолжат преговорите за уште десет дена.
Како што соопшти СОНК, на средбата, неминовен бил заклучокот дека двете страни на колективниот работен спор имаат потреба од поголем временски период од 10 дена, со оглед на фактот што, како што наведуваат од СОНК, преговорите се движат во нагорна линија.
Со оваа препорака, појаснуваат од СОНК, предвидено е во дополнителните 10 дена, да се утврди процентот за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
„Содржината на препораката се утврдува со цел во понатамошните преговарања да не се почнува одново, туку од таму каде што е постигната согласност, а со цел изнаоѓање на оптимално решение за страните, во насока на одговорно разрешување на настанатиот спор“,
соопшти СОНК.
Синдикатот штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок од 10 дена истече денеска.
Просветните работници бараа покачување за 18,4 отсто, а властите ветија 12 отсто, но досега не дојде до заеднички договор.