Директорката на Националната агенција за образовни програми ја коментираше информацијата дека ЕК отворила истрага за да провери можна злоупотреба на ЕУ-фондовите и рече дека не е загрижена и ѝ е мило што е така за да се расчисти случајот
Директорката на Националната агенција за образовни програми и мобилност Лидија Димова ги отфрла сомнежите и обвинувањата за распределбата на пари преку европската образовна програма „Еразмус“.
Таа денеска излезе на онлајн прес-конференција и зборуваше за сите прашања што се покренаа изминатите денови, а одговори и на барањата за оставка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека ќе мора да ги разочара зашто оставка нема да дава.

„Нека не се грижат, податоци не може да избришат зашто тие се веќе во базите во централниот систем на Брисел кој совршено функционира… Јас ќе останам во оваа агенција сè додека не се разреши вистинската дилема, а тоа е што се случи со 2,2 милиони евра кои се проневерени во времето на поранешното раководство“,
рече Димова.
Таа порача дека за програмите „Еразмус“ може секој да се пријави, единствено тоа е забрането за политички партии.
Пари за фризерница
На прес-конференцијата со неа беше и Зоран Златковски, сопственикот на фирмата „В.Е.З. трејд“, а за кој се пишуваше дека добил 270 000 евра за фризерница.
Според него, станува збор за лажна вест дека грантот го добила фризерницата. Тврдеше дека аплицирал со фирмата „В.Е.З. Трејд“ која има посебна сметка и е наменета само за проектите за „Еразмус“. Неговите страна на приказната е дека фирмата постои од 2001 година и оти оттогаш работела во различни дејност, а моментно е регистрирана како фризерски салон и салон за убавина. Меѓутоа, тврди тој, има општа клаузула за дејност, односно може да се занимава со сè што е во врска со регуларниот бизнис во државата и дека тоа не ја спречува да аплицира за програмата „Еразмус“.

„Фризерница е тотално лажна вест. Фризерница не добила проекти. На фирмата ’В.Е.З. трејд‘ и се одобрени грантови кои се изработени во соработка со Националната агенција. Фризерницата посебно функционира, има посебна сметка, регистрирана е како фризерски салон и салон за убавина, но тоа е сосема друго. Оваа сметка функционира исклучиво за проектите и тие пари се доделени за партнерските организации. Според правилата на ’Еразмус’, кога ќе ги добијам, 80 проценти од парите им ги префрлам на партнерските организации, во моментов тие се од Бугарија и од Литванија“,
рече Златковски.
Тој одговараше на новинарски прашања и тврдеше дека проектите се однесувале на едукација на млади за медиумска писменост и оти двата проекти се успешно затворени, а во нив учествувале наставници и ученици од партнерски земји. Според него, биле организирани серија обуки и опфатени околу 50 ученици од различни средни училишта преку огласи на веб-страницата на „В.Е.З. трејд“. Тие, тврди Златковски, оделе во странство за обуките за медиумска писменост во дигитално опкружување, а во текот на проектот имале соработка и со АВМУ и екипи на МРТ. Направена е, рече, и емисија која ќе се прикажува на јавниот сервис од 26 октомври за Деновите на медиумска писменост, а од март е планирано да се снимаат нов циклус емисии кои ќе бидат интернационални, но дека услов за тоа ќе биде состојбата со коронавирусот.
Проекти за „тренирање магаре“ и за „гостопримство на Кипар“
Покрај за случајот со фризерницата, на денешната прес-конференција Димова зборуваше и за другите проекти за кои во јавноста се крена прашина. Во врска со проектот за „тренирање хрватско магаре и липицанер“ за кое училиште од земјава добило 83 000 евра, таа рече дека не е толку смешно, како што некој сакал да направи приказна во јавноста, и дека небулозата произлегла од адвокатот Александар Тортевски кој пишуваше за ова на социјалните мрежи.
Димова го обвини адвокатот дека имал задна намера, која таа ја гледа во тоа што Тортевски ја тужел Националната агенција бидејќи му биле скратени пари за проект.
За 54 000 евра за Кипар и т.н. гостопримство, пак, рече дека се работи за лошо преведен збор „hospitality“.
„Се работи за угостителско училиште кое оди во Кипар, учат како да работат во нивните хотели и ресторани и се враќаат назад. Јас не сфаќам што има толку лошо во тоа. Фамата и она што јавноста не го разбира е дека тие 54 000 не ги зема трето лице, тие се за трошоци за двете организации во случајот. Исто и за проектот со магарињата – парите не ги зема само училиштето кое ќе оди таму, туку сите организации и меѓу себе си ги делат парите“,
рече Димова.
Агенцијата не купила, туку изнајмила возила на лизинг, тврди Димова
Директорката зборуваше и за написите за набавени две возила за Агенцијата за 90 000 евра и тврдеше дека тие не се купени, туку изнајмени на лизинг и за користење три години.
Според објаснувањето што беше дадено, Агенцијата е должна да прави минимум проверки, но тој критериум не бил исполнет бидејќи до доаѓањето на Димова немало со што да се оди на терен и да се проверуваат проектите.
Директорката рече дека прашала во Брисел, но добила одговор дека не може да купат, па затоа зеле на лизинг.
Таа ја коментираше и информацијата дека Европската комисија отворила истрага за можна злоупотреба на европските пари односно ЕУ-фондовите и рече дека не е загрижена и ѝ е мило што е така за да се расчисти случајот.