Ако биде утврдена криминална злоупотреба на фондовите, случајот ќе биде испратен до ОЛАФ, европското тело за борба против измами
Европската комисија отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите „Еразмус плус“ во Националната агенција за европски образовни програми во С Македонија, јави МИА од Брисел.
Портпаролката на ЕК за образование Сузан Конзе, во изјава за МИА, посочува дека Комисијата е запознаена со случајот.
„Сите наводи за злоупотреба се разгледуваат и онаму каде што станува збор за ЕУ-фондови секое нерегуларно трошење ќе биде идентификувано и ќе се врати назад“,
изјави Конзе.
Европската комисија во моментов не може да даде повеќе детали за истрагата додека е во тек, но она што е познато е дека во случај да биде утврдена криминална злоупотреба на фондовите, случајот ќе биде испратен до ОЛАФ, европското тело за борба против измами.
Од Комисијата објаснуваат дека доколку бидат утврдени само нерегуларности во трошењето, како на пример, „процедурална грешка“, тогаш државата мора да ги врати финансиите назад во ЕУ. При апликација за фондовите „Еразмус плус“, државата е гарант за овие пари во случај на нерегуларност или измама и е обврзана да ја врати целокупната сума.
Брисел, исто така, врши редовни финансиски ревизии, како и годишен мониторинг за трошењето на европските фондови.