Според СДСМ, Левица не е опозиција, туку таа е, како што велат, сателит и спутник на Мицкоски

Левица повеќе не крие дека е руска партија, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Реакцијата на СДСМ доаѓа откако пред два дена од Левица информираа дека лидерот Димитар Апасиев, заедно со потпретседателот Реџеп Исмаил – Хактан и членот на Президиумот Александар Симонов оствариле средба со Генадиј Зјуганов, претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација.
Од СДСМ велат дека Левица договорила продлабочување на соработка со човек од црната листа на Америка.
„Нема повеќе маски. Нема ‘автентична левица’. Има средба со шефот на руската партија што ја поддржува војната, што ги брани интересите на Кремљ и што работи против НАТО и ЕУ. Во земја членка на НАТО, со стратешки партнер Америка, со над 80 отсто поддршка за евроатлантскиот пат“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според СДСМ, Левица не е опозиција, туку таа е, како што велат, сателит и спутник на Мицкоски.
„Не гласаа за зголемување на минималната плата. Седат на маса со платформата што ги бара клучевите од СДСМ. Сега и официјално седнаа со Зјуганов. Граѓаните гледаат. Партија што се колне во работнички права, а излегува од собраниската сала кога се гласа за повисока плата. Партија што се колне во суверенитет, а се среќава со рускиот шеф. Истото далечинско што го држи и Мицкоски“,
додаваат од СДСМ.
Оттаму велат дека СДСМ не седи на таа маса и додаваат дека Русија не е иднина на Македонија туку иднината е ЕУ и закони кои важат за сите.
Од Левица во вторникот информираа дека средбата со Зјуганов се одржала во Државната дума на Руската Федерација во деновите кога се одбележува годишнината од Октомвриската револуција.
Главниот фокус на разговорите меѓу двете партии бил ставен врз перспективите за продлабочување на меѓупартиската соработка, со посебен акцент на политичката едукација и идеолошкото усовршување на младите кадри.
