Главниот фокус на разговорите меѓу двете партии бил ставен врз перспективите за продлабочување на меѓупартиската соработка, со посебен акцент на политичката едукација и идеолошкото усовршување на младите кадри

Делегација на политичката партија Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, потпретседателот Реџеп Исмаил – Хактан и членот на Президиумот Александар Симонов, остварила официјална средба во Москва со лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), Генадиј Зјуганов.
Средбата, како што велат од Левица, се одржала во Државната дума на Руската Федерација во деновите кога се одбележува годишнината од Октомвриската револуција.
Главниот фокус на разговорите меѓу двете партии бил ставен врз перспективите за продлабочување на меѓупартиската соработка, со посебен акцент на политичката едукација и идеолошкото усовршување на младите кадри.
Од Левица информираат дека била разгледана можноста за воспоставување организирани форми на образовна соработка преку политички школи и програми, размена на искуства и развивање на теоретски знаења, јакнење на организациските капацитети и подготвеноста на новите генерации левичарски кадри.
Од партијата истакнуваат дека проширувањето на меѓународните политички релации е дел од нивната определба за надминување на дипломатската инертност и надворешно-политичката подреденост.
„Македонските национални и државни интереси во новиот мултиполарен свет бараат суверена политичка мисла, дипломатска самостојност и способност за градење односи надвор од тесните рамки на наметнатите геополитички поделби“,
се наведува во партиското соопштение.
На средбата било договорено дополнително интензивирање на меѓусебните контакти и меѓупартискиот дијалог, при што од Левица порачаа дека продолжуваат да го прошируваат својот интернационален политички хоризонт преку директна комуникација со меѓународни чинители.
