Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го поздрави потпишувањето на програмата, со која, вели тој, се потврдува определбата на земјава за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места
Работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, со која се предвидува унапредување на работничките права, создавање поквалитетни работни места и зајакнување на институциите на пазарот на труд.

Програмата, која е изработена преку трипартитни консултации, претставува рамка за соработка меѓу МОТ и социјалните партнери во земјава и е усогласена со рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој 2026–2030, а реформите на пазарот на труд ги поврзува и со процесот на европска интеграција.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го поздрави потпишувањето на програмата, со која, вели тој, се потврдува определбата на земјава за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места.
„Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на труд, поголемо вклучување на младите и на жените и намалување на неформалната економија. Успехот на оваа програма ќе го мериме преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите бидејќи нашата цел е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин“,
изјави Дурмиши.
Националната програма се фокусира на три главни области. Првата – создавање поволна економска средина преку усогласување на трудовото законодавство и прописите за безбедност и здравје при работа, унапредување на социјалниот дијалог и колективното договарање, како и поддршка на продуктивни и одржливи мали и средни претпријатија. Вториот приоритет е подобрување на стручното образование, обуките и доживотното учење, со цел работниците да стекнуваат вештини што одговараат на потребите на пазарот на труд. Третата област се однесува на економското зајакнување на жените и зголемувањето на нивното учество на пазарот на трудот.
