Претседателот на СДСМ упати порака до граѓаните дека партијата ќе искористи сè што ѝ стои на располагање за да го спречи отворањето на рудникот

Рудник Иловица-Штука нема да има и нема да дозволиме Мицкоски да ја распродава земјата, порача вечерва лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со жителите на општина Босилово на нивниот граѓански собир.
Филипче истакна дека граѓаните од овој регион се револтирани од, како што рече, самоволието на власта и изразиле загриженост за потенцијалното штетно влијание на рудникот врз нивното здравје и животната средина.
Лидерот на опозициската партија упати директни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и актуелната влада за нивните намери со просторниот план.
„Владата на Мицкоски зад затворени врати веќе ги маркираше рудниците во новиот просторен план, но нема да им дозволиме овој процес да помине. Откако го испразнија буџетот и немаат пари за ништо, затоа што ги трошат сите буџети за партиски тендери, сега ја распродаваат македонската земја за нивни бизнис интереси“,
изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака до граѓаните дека партијата ќе искористи се што и стои на располагање за да го спречи отворањето на рудникот.
„Мојата порака е јасна – рудник овде нема да има! Ќе се спротивставиме на секој чекор што води кон негово отворање. Ќе се бориме со аргументи и со сите демократски средства, како пратеници и заедно со граѓаните“,
додаде тој.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред еден месец реагираше дека во тек е голема распродажба на Македонија и претворање на земјата во депонија за туѓи бизнис-интереси.
Според СДСМ, под изговор за инвестиции, Владата предводена од Христијан Мицкоски подготвува терен за отворање на пет нови рудници – Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке, како и планирани геолошки ископи на планината Кожув и нов ископ на антимон за потребите на воената индустрија.
Претходно Филипче рече дека со новиот просторен план власта предвидува отворање пет нови рудници, со што земјата се распродава за странски профити, а на штета на здравјето на граѓаните. Тој побара повлекување на планот и посочи дека здравјето на граѓаните и националното богатство не смеат да бидат подредени на финансиски интереси. Во спротивно, рече дека ќе има спротивставување на планот на сите јавни дебати, како и физички блокади доколку власта не се повлече.
