Претседателот на СДСМ најави спротивставување на планот на сите јавни дебати, како и физички блокади доколку власта не се повлече

Со новиот просторен план власта предвидува отворање пет нови рудници, со што земјата се распродава за странски профити, а на штета на здравјето на граѓаните, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче рече дека тука спаѓаат Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке, а дополнително посочи дека и планината Кожув влегува како подрачје опфатено со планираните геолошки истражувања.
Тој побара повлекување на планот, посочувајќи дека здравјето на граѓаните и националното богатство не смеат да бидат подредени на финансиски интереси.
„На овие пет места владата на Христијан Мицкоски планира да ја продава земјата, планира да ја продава Македонија на странски фирми за странски профити“,
истакна Филипче.
Тој посочи дека просторниот план, изготвен од Министерството за животна средина и Агенцијата за просторно планирање, денеска првпат се презентира на јавна дебата во Струмица, по што следуваат дебати на уште осум места низ државата.
Во новиот документ се предвидуваат рудници на места кои во претходната планска стратегија не биле означени за таа намена, меѓу кои ги посочи Казандол и Иловица.
„Не може да ја продаваат земјата којашто е национално богатство, коешто им припаѓа на сите граѓани за нивни и за туѓи финансиски интереси, односно профити“,
порача Филипче.
Дополнително, тој предупреди дека со владината одлука за концесија за геолошки испитувања во регионот „Исток“ е опфатено широко подрачје од 27 општини, во кое влегува и планината Кожув.
Филипче изрази загриженост за можните последици врз почвата, водите и здравјето на луѓето во регионите каде што се планираат рудниците.
„Сакам да им порачам – Македонија не е на продажба. Нема да го ризикуваме здравјето на граѓаните за туѓи профити. Сакам јасно и гласно тука да им кажам да отстапат и да се повлечат од овој план“,
нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ најави спротивставување на планот на сите јавни дебати, како и физички блокади доколку власта не се повлече.
„Ќе зборуваме, ќе дебатираме на сите јавни дебати и ако не се повлечат, да знаат дека ќе го блокираме и физички со жив штит од луѓе на местата каде што планираат да ја продаваат земјата за нивни и за туѓи странски профити“,
изјави Филипче.
Прашан дали има некои делови во просторниот план кои СДСМ ги поддржува, Филипче рече дека апсолутно се против.
На дополнително прашање дали ова ќе биде поддршка за луѓето таму што веќе некое време реагираат на рудниците и не стравуваат ли дека власта ќе ги обвини оти се политички мотивирани, Филипче рече дека ставот е изграден врз основа на реакциите што ги добиле од граѓаните во тие региони.
„Ставот е изграден врз основа на реакциите што ги добиваме од граѓаните во тие региони. Кога станува збор за рудниците, тие се уплашени, не сакаат рудници што утре може да им го загрозат здравјето. Едноставно знаат дека тие материјали што се копаат се опасни по здравјето, ако навлезат во земјата и во водата“,
одговори Филипче.
