Во „Идризово“, според извештајот, еден лекар се грижи за приближно 691 лице, а една сестра или техничар за речиси 461 лице. Според стандардите, еден лекар треба да опслужува приближно 300 лица
Во повеќе установи терапијата ја делат затворски службени лица, а во некои случаи набавката зависи од семејството. Тоа создава ризик од прекин, грешки во дозирањето и повреда на медицинската доверливост
Во ниту една од 11-те казнено-поправни установи во државата нема 24-часовно присуство на медицински персонал, покажува истражувањето на народниот правобранител, презентирано на денешната тематска дебата за здравствената заштита во казнено-поправните установи, организирана од Канцеларијата на народниот правобранител со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Според истражувањето, во седум установи има постојан здравствен персонал, додека во четири здравствената грижа се обезбедува периодично или по повик. Сепак, во ниту една од установите нема 24-часовно дежурство на медицински персонал.
Во седум од 11 затворски установи е утврдена пренатрупаност, односно бројот на затвореници ги надминува сместувачките капацитети.
Според заменик-народнaтa правобранителка Соња Трифуновска, иако затворскиот здравствен систем е формално поврзан со јавниот здравствен систем, пристапот до здравствена заштита не е еднаков и доследен во сите установи. Во практиката, остварувањето на ова право често зависи од конкретната установа, а во одредени случаи е потребна и дополнителна интервенција на народниот правобранител.

Посочи дека кадровскиот дефицит е еден од најсериозните предизвици, нагласувајќи дека самото присуство на лекар или амбуланта не гарантира дека здравствената услуга е навремено достапна.
Само присуството на лекар или амбуланта не гарантира достапност. Во некои од установите персоналот доаѓа повремено, а постојат непополнети работни места.
Во „Идризово“, според извештајот, еден лекар се грижи за приближно 691 лице, а една сестра или техничар за речиси 461 лице. Според стандардите, еден лекар треба да опслужува приближно 300 лица.
Како дополнителни проблеми ги наведе недостигот на возила и персонал за спровод до здравствените установи, доцнењето на резултатите и дијагностиката, како и проблемите со дистрибуцијата на терапијата.
Во повеќе установи, како што вели Трифуновска, терапијата ја делат затворски службени лица, а во некои случаи набавката зависи од семејството. Тоа создава ризик од прекин, грешки во дозирањето и повреда на медицинската доверливост.
Предупреди и на нерамномерното спроведување на превентивните здравствени активности. Скринингот за заразни болести, вакцинацијата и следењето на хроничните заболувања не се одвиваат подеднакво во сите установи, додека психијатриската и психолошката поддршка и превенцијата од самоубиства бараат посистемски пристап.
Одговарајќи на новинарски прашања, Трифуновска рече дека е потребно системско решавање на недостатоците за да се обезбеди еднаков пристап до здравствените услуги во сите казнено-поправни установи. Таа посочи дека дополнително треба да се анализира дали недостигот од медицински кадар се должи на слаб интерес за работа во затворите, недоволно финансии или други системски проблеми.
Народниот правобранител Фатон Сељами истакна дека здравствената заштита е едно од клучните права на лицата лишени од слобода и дека утврдените проблеми мора да бидат проследени со конкретни и остварливи решенија.
Според него, состојбите во затворскиот систем не се однесуваат само на здравствената заштита, туку и на условите за сместување, хигиената, исхраната, ресоцијализацијата и образовниот процес.

„Тоа што некој има статус на притворено или осудено лице не значи дека не може да ги ужива правата што им припаѓаат на сите други граѓани. Напротив, државата е таа која, покрај тоа што треба да им ги гарантира сите други права, мора навремено да им обезбеди и квалитетна здравствена заштита“,
вели народниот правобранител.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, нагласи дека пристапот до здравствена заштита е основно човеково право и предуслов за зачувување на човековото достоинство, без оглед на околностите во кои се наоѓа лицето.
Како приоритети за подобрување на состојбите ги посочи обезбедувањето доволен број здравствени работници и подготвеност за итни состојби, подобриот пристап до специјалистички услуги, континуираната достапност на препишаните лекови, зајакнувањето на превентивната здравствена заштита и грижата за менталното здравје, како и подобрата институционална координација.
Во препораките на Народниот правобранител се бара воспоставување национален минимален кадровски модел за затворите, јасни протоколи за ноќни и викенд-служби, подобар пристап до специјалистички услуги, одржлив систем за набавка на лекови, зајакнување на грижата за менталното здравје и воведување поврзан електронски здравствен систем.
За надминување на проблемите се бара координиран ангажман на Министерството за здравство, Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните установи, јавните здравствени институции и Фондот за здравствено осигурување.
