За резолуцијата гласаа 130 земји, 17 беа против, а 25 се воздржаа. Поддршката е намалена во споредба со претходната година, кога 165 земји гласаа „за“, седум беа „против“ и 12 „воздржани“
Гласањето следува по засилените дипломатски напори на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги убеди другите земји да се спротивстават на резолуцијата или да се воздржат
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) денеска повторно усвои резолуција со која се повикува на укинување на американското економско ембарго врз Куба, објави „Асошиејтед прес“.

„За“ резолуцијата гласаа 130 земји, 17 беа „против“, а 25 „воздржани“. Поддршката е намалена во споредба со претходната година, кога 165 земји гласаа „за“, седум беа „против“ и 12 „воздржани“.
Меѓу земјите што гласаа против се и Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Колумбија, Костарика, Еквадор, Литванија, Мароко, Парагвај и Словенија.
Неколку западни земји, меѓу кои Германија и Италија, за првпат по многу години беа воздржани.
Гласањето следува по засилените дипломатски напори на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги убеди другите земји да се спротивстават на резолуцијата или да се воздржат.
Иако резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, тие ја одразуваат позицијата на меѓународната заедница за ова прашање.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, пред гласањето ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека водат економска војна против неговата земја, оценувајќи дека Куба не претставува закана.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Вaлц, ги повика земјите-членки да не ја поддржат резолуцијата, тврдејќи дека кубанската влада го користи гласањето за политичка пропаганда.
Дебатата беше проследена со остар вербален судир меѓу Вaлц и Родригез, што дополнително ги нагласи тензиите меѓу Вашингтон и Хавана.
По гласањето, Вaлц изјави дека е задоволен што повеќе земји, вклучително и големи економии, ја промениле својата позиција.
Американското ембарго врз Куба беше воведено во 1960 година, по револуцијата предводена од Фидел Кастро и национализацијата на имотот на американските граѓани и компании. Односите меѓу двете земји дополнително се влошија откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави царини за земјите што ѝ продаваат или испорачуваат нафта на Куба.
Овие мерки придонесоа за прекини во снабдувањето со гориво и електрична енергија на островот, со последици врз основните услуги, вклучително и водоснабдувањето и телекомуникациите.
