По потврдувањето на резултатите, претседателот Исак Херцог ќе одржи консултации со претставниците на политичките партии и ќе му го довери мандатот за состав на владата на лидерот за кого ќе процени дека има најголеми шанси да обезбеди парламентарна поддршка. Преговорите би можеле да траат со недели
Делумните резултати од парламентарните избори во Израел покажуваат дека блокот на долгогодишниот премиер Бенјамин Нетанјаху води, но нема доволно мандати за самостојно да формира влада, пишува Би-би-си.

Преговорите за обезбедување парламентарно мнозинство би можеле да отворат пат за промена на власта, коалиција за национално единство или нови избори.
Според досега преброените околу 85 отсто од гласовите, партијата Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, заедно со сојузниците од крајната десница и ултраортодоксните еврејски партии, се очекува да освои 53 од вкупно 120 места во Кнесетот.
Блокот предводен од неговиот главен ривал, поранешниот началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили, Гади Ајзенкот, би можел да добие 48 мандати, додека арапските партии би освоиле 19 места.
За формирање влада е потребна поддршка од најмалку 61 пратеник. Иако ниту еден од блоковите засега не го достигнува потребното мнозинство, сепак, изборните резултати предизвикаа прослави во повеќе политички табори.
Поддржувачите на Нетанјаху славеа бидејќи неговата партија остана најсилна во парламентот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој го поддржуваше израелскиот премиер во текот на кампањата, исто така ги истакна заслугите за изборниот резултат. На прашањето дали ќе му помогне на Нетанјаху да обезбеди парламентарно мнозинство, Трамп одговори:
„Ќе видиме“.
Арапските партии, кои се на пат да остварат рекордна застапеност, исто така го поздравија резултатот.
Нивната поддршка би можела да биде одлучувачка во преговорите за формирање влада, но соработката со нив останува чувствително прашање. Сите еврејски партии, со исклучок на една, најавија дека нема да соработуваат со арапските партии.
Три сценарија за формирање влада
Првото сценарио е формирање влада предводена од Гади Ајзенкот, со поддршка од арапските партии. Лидерот на левичарската партија Демократи, Јаир Голан, ги повика партнерите во опозицискиот блок да ја искористат можноста за формирање влада на промени.
„Тука немаме иднина ако не престанеме да се плашиме и ако не му ставиме крај на расизмот“,
напиша Голан на социјалната мрежа Икс.
Претседателот на Заедничката листа, која најави подготвеност да помогне во соборувањето на владата на Нетанјаху, исто така порача дека партијата е подготвена да го отвори патот за промена на власта.
Сепак, оваа опција се соочува со пречки во самиот опозициски блок. Лидерот на десничарската секуларна партија, Авигдор Либерман, се противи на ваквото решение. Без поддршката на неговите седум пратеници, формирањето влада од овој блок би било отежнато.
Соработката со арапските партии останува спорно прашање во израелската политика, иако партијата на Мансур Абас беше дел од владејачката коалиција во периодот од 2021 до 2022 година.
Второто сценарио е формирање влада на национално единство преку соработка меѓу двата спротивставени политички блока. Сепак, претставниците на двата табора ја отфрлаа оваа можност уште пред изборите.
Третата можност е одржување нови избори, доколку преговорите не доведат до договор за формирање влада. Тоа би значело продолжување на политичката неизвесност, а новото гласање би можело да се одржи на почетокот на следната година.
Конечните резултати и следните чекори
Според проценките на Би-би-си, остануваат за пребројување меѓу 430 000 и 480 000 гласови, вклучително и гласовите на војниците и дипломатите кои гласале надвор од своите избирачки места, со што конечните резултати би можеле да бидат објавени за ден или два.
По потврдувањето на резултатите, претседателот Исак Херцог ќе одржи консултации со претставниците на политичките партии и ќе му го довери мандатот за состав на владата на лидерот за кого ќе процени дека има најголеми шанси да обезбеди парламентарна поддршка. Преговорите би можеле да траат со недели.
Херцог порача дека треба да се направат сите напори за да се избегне ново гласање.
„Мораме да направиме сè што е во наша моќ, особено по вчерашниот ден, за да избегнеме нови избори. Очекувам секој што ќе дојде тука да биде отворен за дискусија и подготвен да разгледа различни опции“,
изјави израелскиот претседател.
Иран и истрагата за нападот на Хамас
Преговорите за формирање нова влада се одвиваат во период кога се очекуваат и важни потези на Вашингтон во однос на Иран.
Трамп најави дека по изборите за американскиот Конгрес би можело да следува значаен развој на настаните поврзани со Иран. Нетанјаху, пак, изјави дека очекува поддршка од американскиот претседател за продолжување на војната.
Додека траат преговорите, Нетанјаху би можел да остане на функцијата уште неколку месеци доколку не биде формирана нова влада.
Во случај на промена на власта, една од најзначајните промени би можело да биде формирањето независна комисија за истрага на безбедносните пропусти поврзани со нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Сепак, значителни промени во политиката кон Палестинците не се извесни. Ајзенкот има нешто поумерен пристап од Нетанјаху во одредени прашања, меѓу кои и насилството од страна на израелските доселеници на Западниот Брег, кое јавно го осудува.
