Вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ го окарактеризира нападот како терористички и соопшти дека нивото на опасност од тероризам е подигнато на највисоко, црвено ниво, со засилено полициско присуство на клучни локации
Амбасадорката на Израел во Србија, Авивит Бар-Илан, денеска го осуди нападот врз израелската амбасада во Белград и оцени дека станува збор за закана за сите и за светскиот мир.

„Длабоко сме вознемирени и шокирани од терористичкиот напад врз израелската амбасада во Белград“,
изјави Бар-Илан повикувајќи на темелна истрага за тоа кој стои зад нападот и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, пишуваат српските медиуми.
Посочи дека ова е втор напад врз израелската амбасада во последните две години и му се заблагодари на припадникот на српската жандармерија чија храброст, како што рече, спречила посериозни последици.
На повредениот полицаец му посака целосно закрепнување.
Амбасадорката соопшти дека персоналот на амбасадата е безбеден и им се заблагодари на сите што испратиле пораки на солидарност.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ изјави дека нападот се случил 15 минути по полноќ, кога припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал амбасадата бил нападнат со два ножа.
Полицаецот пукал и го убил напаѓачот во самоодбрана, а самиот бил полесно повреден.
Дачиќ го окарактеризира нападот како терористички и соопшти дека нивото на опасност од тероризам е подигнато на највисоко, црвено ниво, со засилено полициско присуство на клучни локации.
Според Дачиќ, напаѓачот е малолетник чиј идентитет сè уште не е утврден, а постои сомневање дека е од Шабац. Тој, според изјавите на министерот, го нападнал полицаецот извикувајќи „Алаху акбар“. МВР соопшти и дека напаѓачот бил поддржувач на Исламската држава.
По спроведената истрага, дежурниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград утврдил дека припадникот на жандармеријата оправдано употребил службено огнено оружје во самоодбрана.
Според соопштението на обвинителството, напаѓачот, облечен во црно, ја отворил вратата од безбедносната куќичка во која се наоѓал полицаецот со иницијали Д.С. и се упатил кон него со два ножа во рацете, извикувајќи „Алаху акбар“.
