Обвинителството, по увидот, утврдило дека употребата на службеното оружје од страна на полицискиот службеник, кој го застрелал и усмртил напаѓачот, била оправдана, односно дека тој дејствувал во самоодбрана
Белградското Вишо јавно обвинителство соопшти дека дежурен јавен обвинител извршил увид пред Амбасадата на Израел во главниот град на Србија, каде синоќа, петнаесет минути по полноќ, се случи напад врз припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал амбасадата.

Идентитетот на напаѓачот, кој бил застрелан и усмртен на самото место, сè уште не утврден и тој се води како НН лице. Вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ во изјава за медиумите утрово нападот го оквалификува како терористички чин.
Во соопштението на ВЈО Белград се наведува дека нападот го извршило непознато лице, облечено во црна облека. Тоа ја отворило вратата на куќичката за обезбедување и со два ножа во рацете се упатил кон припадникот на жандармеријата, кој бил внатре, извикувајќи „Алаху акбар“.
Во тие моменти, лицето фрлило еден од ножевите кон полицаецот, со иницијали Д. С., погодувајќи го во левиот образ.
Според Обвинителството, припадникот на жандармеријата веднаш реагирал.
„Потоа, Д. С. го извадил службеното оружје и испукал неколку проектили и го усмртил на самото место“,
се наведува во соопштението од ВЈО Белград.
Полицаецот, како што се додава, имал повреда во форма на исеченица на левиот образ.
Обвинителството, по увидот, утврдило дека употребата на службеното оружје од страна на полицискиот службеник била оправдана, односно дека тој дејствувал во самоодбрана
„По увидот, утврдено е дека употребата на службеното огнено оружје било оправдана во самоодбрана, а работата за утврдување на сите околности во врска со овој настан продолжуваат и понатаму“,
се вели во соопштението.
Од белградското Вишо јавно обвинителство, според писмената изјава до јавноста, засега не излегуваат со правна квалификација на кривичното дело.
За потсетување, претходно утрово вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ изјави дека синоќа, петнаесет минути по полноќ, во Белград е извршен терористички напад врз припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада.

По настанот, рече Дачиќ, наредено е да се подигне нивото на безбедносна закана од тероризам на највисоко ниво и да се зголеми присуството на полицијата на клучните локации од безбедносно значење, вклучувајќи инфраструктурни објекти и места каде што се собираат голем број граѓани.
Според Дачиќ, напаѓачот е малолетник, за кој постојат сомневања дека е од Шабац, но неговиот идентитет сè уште не е утврден.
И покрај тоа, министерот со технички манда вели дека лицето било следено од службите и за него имало информации дека е поддржувач на Исламска држава. На неговиот профил на Инстаграм, имало објави на кои лицето држело црно знаме и симболот на Исламска држава.
Српската телевизија Н1 утрово објави дека по синоќешниот инцидент, ситуацијата пред Амбасадата на Израел во Белград е нормална и оти засега нема нови информации за случајот. Се потсетува дека е степенот за опасност од тероризам е подигнат на црвено ниво.
Според извештајот на репортерот на телевизијата, на улиците на Белград е забелеливо зголемено присуство, односно патроли на припадниците на жандармеријата.
