Во трка за функцијата се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов; неговиот колега од истото Вишо обвинителство, Јован Цветановски; обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи
Со тајно и непосредно гласање, 187 јавни обвинители со право на глас денеска избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Во трка за функцијата се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов; неговиот колега од истото Вишо обвинителство, Јован Цветановски; обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.
Нивните колеги, со право на глас, од обвинителствата во државата можат да гласаат во периодот од 8 до 16 часот, по што на јавна седница ќе бидат сумирани резултатите од гласањето и треба да биде познато кој ќе биде новиот шеф на Обвинителството надлежно за борба против организиран криминал и корупција.
Постапката ја спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав – Ермон Незири, Кети Петкова и Светлана Стојковиќ.
Претходно, на 13 октомври петмината кандидати на седницата на Советот ги презентираа своите програми. Според генералниот заклучок, меѓу приоритетите на сите е зајакнувањето и максималното искористување на капацитетите на истражните центри, фокус на финансиските истраги, кадровско доекипирање и унапредување на соработката со другите институции во чиј опис на работата е санкционирањето кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата. Поголема незавиност на ОЈО ГОКК, исто така, е дел од програмските приоритети на кандидатите за нов шеф на ова Обвинителство.
Изборот се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.
Иако имаше право, тој непосредно по објавувањето на огласот, на брифинг со новинарите, кажа оти не размислува на повторна кандидатура и дека планира да се врати во Вишото јавно обвинителство Гостивар.
