Во писмото до Управниот одбор на јавниот медиумски сервис, Грчиќ наведува дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои функционира РТС, при што оценува дека е во интерес на институцијата да се овозможи непречено продолжување на нејзината работа
Оставката следува по барањата за нејзино заминување, кои ги упатија кандидатите на Студентската листа и дел од вработените во јавниот сервис
Генералната директорка на Радио-телевизија Србија (РТС), Мања Грчиќ, поднесе оставка од функцијата, објави Н1.

Во писмото до Управниот одбор на јавниот медиумски сервис, Грчиќ наведува дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои функционира РТС, при што оценува дека е во интерес на институцијата да се овозможи непречено продолжување на нејзината работа.

Грчиќ очекува Управниот одбор, во рамките на законските надлежности, без одлагање да ги преземе потребните чекори за обезбедување континуитет во раководењето и законското предавање на должноста.
Изразува и подготвеност да соработува за примопредавањето да се спроведе уредно и без последици врз работата на РТС.
Според Н1, Грчиќ ја разрешила и Бојана Млаѓеновиќ од функцијата уредничка на информативната програма и предложила на нејзино место да дојде Боривое Ускоковиќ.
Во меѓувреме, група од 70 вработени предложила Јован Мемедовиќ да биде назначен за вршител на должноста директор на РТС.
Оставката на Грчиќ следува по барањата за нејзино заминување, кои ги упатија кандидатите на Студентската листа и дел од вработените во јавниот сервис.
Според најавите, Управниот одбор на РТС треба да одржи електронска седница на која ќе се разгледуваат следните чекори.
Кандидатите на Студентската листа „Студентите победуваат“ вчера упатија отворено писмо до раководството и Управниот одбор на РТС), Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и народното собрание на Србија барајќи одговорност за остварувањето на јавниот интерес во информирањето.
Во писмото тие бараат оставки од раководството и уредниците на информативната програма на РТС, како и независно и транспарентно работење на медиумскиот регулатор.
Од раководството на РТС бараат неодложни оставки од генералниот директор, неговиот заменик, главните и одговорните уредници на информативната програма, како и од сите уредници во оваа програма.
Како образложение наведуваат дека, според нивната оцена, раководството и уредништвото со своето работење и со пропуштањето да ги заштитат професионалните стандарди сериозно ја нарушиле довербата во јавниот сервис.
