Причините за несреќата, според него, треба да ги утврдат операторите на железничката мрежа и независната комисија за истрага на железнички несреќи
Најмалку 68 лица загинаа, а 58 побарале медицинска помош по железничката несреќа во шпанската провинција Толедо, пренесува Си-ен-ен.
Шпанскиот премиер Педро Санчез најави темелна истрага и порача дека секоја евентуална небрежност или пропуст во безбедносниот систем ќе биде најстрого санкциониран.

„Ќе ја утврдиме целосната вистина. Доколку имало небрежност, таа ќе излезе на виделина. Доколку имало пропусти во безбедносниот систем, тие ќе бидат третирани со најголема строгост“,
изјави Санчез на прес-конференција во близина на местото на несреќата.
Посочи дека Шпанија се соочила со две тешки железнички несреќи со брзи возови во иста година и оцени дека такво нешто е неприфатливо.
„Доколку биде потребно дополнително зајакнување на безбедносните мерки за да се врати довербата во системот на брзи железници, владата ќе ги преземе сите соодветни чекори“,
рече тој.
Причините за несреќата, како што додаде, треба да ги утврдат операторите на железничката мрежа и независната комисија за истрага на железнички несреќи.
Nuevo accidente ferroviario: chocan un Iryo y un AVE en Yébenes (Toledo). Los testigos confirman que hay víctimas mortales. En el lugar están trabajando bomberos, Protección Civil, tres helicópteros sanitarios y dos UVI. https://t.co/KACO8ijtcd
— ceciarmy (@ceciarmy) October 28, 2026
Според претходните информации од шпанските власти, несреќата се случила откако безбедносниот систем на делницата престанал да функционира поради компјутерски дефект, по што железничкиот сообраќај бил запрен.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте изјави дека централната команда потоа му дозволила на воз на државната компанија „Ренфе“ да продолжи со движењето без ограничување на брзината, иако на линијата сè уште бил активен сигналот за запирање. Возот потоа удрил во задниот дел на воз на приватниот оператор „Ирио“.
Пуенте нагласи дека машиновозачите не се одговорни за несреќата, додека истрагата треба да ги утврди околностите и точната причина за судирот.
Шпанските служби за итни случаи, пожарникарите и полицијата интервенираа на местото на несреќата, а во спасувачките активности беше вклучена и воена единица за итни интервенции. Прекинат е железничкиот сообраќај на линијата меѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија.
Несреќата дополнително ја отвори дебатата за безбедноста на шпанската мрежа на брзи железници.
Во јануари годинава во друга железничка несреќа во јужна Шпанија загинаа 46 лица откако воз на компанијата „Ирио“ излета од шините и се судри со воз на „Ренфе“ кој доаѓал од спротивната насока. Таа несреќа беше најсмртоносната во земјата од 2013 година, кога во железничка несреќа загинаа 80 лица.
