„Вакцини има доволно за сите, сите ќе бидат вакцинирани и барам одредено трпение од граѓаните да ја добијат својата покана и да го направат тоа“, вели министерот

Речиси 66 800 граѓани се пријавиле за вакцинација против сезонски грип, информира министерот за здравство Сашо Клековски. На вакцинација преку СМС вели дека биле повикани 6 700 граѓани, а за три дена вакцината ја примиле 3 300 лица. Најмногу пријавени имало од Скопје, и тоа речиси 20 000 граѓани, потоа од Битола, Прилеп, Струмица и Тетово.
Клековски рече дека во текот на оваа недела ќе почне вакцинацијата во установите за возрасни лица, а од следната недела ќе се вакцинираат пациентите во центрите за дијализа.
Според него, деновиве се очекуваат нови закажувања термини и со тоа да се стигне до ритам на вакцинација од 1 700 до 2 000 вакцинации дневно.
Клековски рече дека денеска склучиле договор за набавка на нови 26 000 вакцини и со тоа вкупниот број достапни вакцини ќе биде 56 000. Најави и дека до крајот на ноември ќе има нови 30 000 вакцини, со што бројот на достапни вакцини ќе биде за речиси 20 000 повеќе од моментно пријавените.
„Вакцини има доволно за сите, сите ќе бидат вакцинирани и барам одредено трпение од граѓаните да ја добијат својата покана и да го направат тоа. Речиси 500 граѓани не се јавиле на термините за вакцинација, што е речиси 13 проценти нереализирани термини“,
истакна Клековски повикувајќи ги граѓаните кои знаат дека не може да го искористат терминот, да се одјават од терминот за тој да биде достапен за некој друг.
Коментирајќи ја вакцинацијата во Словенија и Хрватска, која сè уште не е почната и се очекува да почне на почетокот од ноември, Клековски вели дека тоа не е доцна за почнување на вакцинација бидејќи главната сезона на сезонски грип е јануари и февруари.
Одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека сè уште се во очекување да пристигне бесеже-вакцината. Потенцира дека се работи анализата на случаите од 2020 година наваму за остеомиелит и очекува набргу и тоа да биде достапно како информација. Во врска со тоа кога ќе стигне таа вакцина, рече дека сè уште е во тек постапката.
