Дневниот ред на седницата беше изгласан со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Пратениците, според редоследот, прво ќе треба да се изјаснат за разрешувањата на актуелните министри и заменик-министри, а потоа за изборот на новите предложени од премиерот
Собраниската седница на која се расправа за реконструкција на Владата ќе продложи утре во 12 часот, одлучи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој ја водеше седницата. Образложувајќи го предлогот за разрешување на кадрите на Алтернатива од Владата, партија која реши да премине во опозиција откако Алијанса за Албанците одлучи да се приклучи на владината коалиција, премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на седницата рече дека со реконструкцијата ќе се внесе нова енергија и ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори.
„Реконструкцијата на Владата очекувам да внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата во насоките што ги посочив. Но она што е навистина важно, е што со ова парламентарно мнозинство ставаме точка на сите лаги и манипулации кои ги лиферува опозицијата за можни предвремени избори. Денеска зборуваме за вистински важни работи, правиме промени и тоа е добро, не треба да се плашиме од промени. Потребно ни е стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, кое ќе овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси. Денес зборуваме за обединување по европското прашање каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“,
рече Ковачевски.
Пратеникот Александар Николовски, обраќањето на премиерот пред пратениците го нарече „бледо обраќање со многу флоскули и работи кои се на раб на политички реченици кои се повторуваат често на политичката сцена и се без суштина“.
„Алијанса реши да влезе и на тој начин да го продолжи животот на можеби најслабата влада која Македонија кога било ја видела, Влада со најслаб легитимитет помеѓу граѓаните, особено помеѓу македонскиот народ. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција, еве ја денес на сцена јасната политичка проституција и корупција која се случува во Македонија затоа што во Македонија изборите губат смисла. Која е поентата да се излегува на избори ако сите сакаат во Влада, која е поентата да има политички опонент и демократија ако сите сакаат да влезат во Влада и, на крај, која е поентата Алијанса да се бори против ДУИ на избори ако на крај сакаат и едните и другите да бидат во иста Влада. Тоа не е никако поинаку освен политичка корупција и проституција и тоа од оние на кои деновиве устата им е полна дека ќе се борат со криминал и корупција. Како кога влегуваат во Влада која убедливо е најкорумпирана?“,
рече Николоски.
Пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики-Шаини, пак, ги обвини премиерот Димитар Ковачевски и СДСМ дека го кршат договорот и потсети дека благодарение на нејзината партија тој станал премиер пред една година и Владата се спасила.
Дневниот ред на седницата беше изгласан со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Пратениците, според редоследот, прво ќе треба да се изјаснат за разрешувањата на актуелните министри и заменик-министри, а потоа за изборот на новите предложени од премиерот.
Според предлогот на Ковачевски, се предлага разрешување на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.
Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Претходно денеска, пак, Собранието ги констатираше оставките поднесени од министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).
Според договорот кој беше постигнат во новата владина коалиција, новите кадровски решенија во Владата ќе бидат:
Предложените нови министри се:
- Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
- Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
- Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
- Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
- Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
- Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
- Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
- Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
- Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.