„Со години Филипче и власта предводена од СДС добивала извештаи од државните институции за тоа дека водата во Гостивар не е за пиење, а тие тоа го криеле и не преземале ниту една мерка за справување со проблемот“, изјави претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Гостивар, Мартин Андоновски

Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Гостивар, Мартин Андоновски денеска изјави дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нема право да морализира за случајот со загадената вода во Гостивар бидејќи, како што рече, поради него со години гостиварци пиеле небезбедна вода.
Андоновски додаде дека за ова не им било кажано на граѓаните на Гостивар, а не се преземале ниту мерки за справување со проблемот.
„Со години Филипче и власта предводена од СДС добивале извештаи од државните институции за тоа дека водата во Гостивар не е за пиење, а тие тоа го криеле и не преземале ниту една мерка за справување со проблемот. Овој проблем во Гостивар не е од денес, туку е од децениската негрижа на локалните власти. Филипче и СДС требаше сега, кога имаат градоначалник кој отворено го поддржаа во Гостивар, како и кадри кои предводат локални институции, да го решат проблемот со водата, а не да политизираат“,
рече Андоновски.
Андоновски рече дека Филипче, ДУИ и партијата на Арбен Таравари требало веднаш да ја земат работата во свои раце.
„Но затоа што се неспособни, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рекорден рок обезбеди техничка вода за користење, а секојдневно добиваме и флаширана вода за пиење. ЈО треба да го истражи молкот на Филипче и власта на СДС која дозволувала гостиварци да се трујат со години, а да не знаат од што им се потоа болестите. Талогот од СДС најмалку што можеа да направат е да се извинат и да донираат некој пакет вода за жителите, но тоа не го очекуваме затоа што тие немаат чест и углед“,
смета тој.
Претходно денеска опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, обвинувајќи ги за пропусти и непреземање мерки при загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, истакна дека кривичната пријава, освен за Клековски, се однесува и за директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Кирил Лазов, како и за директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово, Шпенди Амети.
