Наместо постојано да ја оптоварува јавноста со барање избори, Мицкоски да се обиде еднаш да се издигне над партиските интереси и наредбите од Будимпешта и да застане во интерес на граѓаните, реагираат од СДСМ порачувајќи ѝ на ВМРО-ДПМНЕ дека следните парламентарни избори ќе бидат во редовниот термин, во 2024 година
Неспособноста на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сака да ја покрие со постојани барања за предвремени избори, реагира СДСМ на изнесените ставови на лидерот на опозициската партија за потребата од предвремени парламентарни избори.
Реакциите на социјалдемократите доаѓаат по вечерашното интервју на Мицкоски во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.
„Во период на енергетска и економска криза, во ситуација кога парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата е со полн легитимитет, потребна е работа за да се надминат последиците од кризите, а не предвремени избори и ново закочување, нови блокади. Но тоа е односот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните и државата. Не нудат никакви решенија, не предлагаат ништо, немаат став за ништо, но затоа постојано само бараат избори само нешто кочат и блокираат, а нивните градоначалници не работат ништо освен што ги партизираат изборите“,
велат од СДСМ порачувајќи му дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин односно во 2024 година.
Од владејачката партија велат дека Мицкоски не може да зборува за легитимитет на владата на Димитар Ковачевски. Мицкоски, велат од СДСМ, е маша на Никола Груевски и неговиот легитимитет го црпи од Будимпешта.
„Христијан Мицкоски е последен што може да зборува за легитимитет, тој неговиот го црпи од Будимпешта од каде ги добива сите одобрувања и наредби за својата работа. ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија со лидер осуден за криминал кој живее во друга земја, а во партијата има поставено вршител на должност. Премиерот Димитар Ковачевски и актуелната Влада имаат полн капацитет, легитимитет и проширено мнозинство. Оттаму, наместо постојано да ја оптоварува јавноста со барање избори, Мицкоски да се обиде еднаш да се издигне над партиските интереси и наредбите од Будимпешта и да застане во интерес на граѓаните. Да ги поддржи проектите и реформите во интерес на граѓаните и да покаже државност ако било кога во иднина сака да ја добие довербата од граѓаните“,
реагираат од СДСМ.
Образложувајќи го барањето за предвремени избори, Мицкоски во интервјуто за 360° вечерва рече дека две третини од граѓаните, според мерењата на јавното мислење, сметаат дека државата се движи во погрешен правец затоа што актуелната Влада не ја бидува и мора да замине. Исто така, тој рече и дека на настани што ги организираат граѓани бараат да се оди на избори и ВМРО-ДПМНЕ да направи нова влада.
*Вести од интервјуто на Мицкоски за 360°:
Мицкоски одговара зошто бара избори иако штотуку добивме нова влада
Мицкоски: Владата на Ковачевски нема да направи ништо подобро од последната на Заев
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште двајца потпретседатели
Мицкоски: Задоволен сум од досегашната работа на градоначалничката Арсовска
Мицкоски со предлог: Да го намалиме бројот на пратеници на 90 и да зборуваме за една изборна единица
Мицкоски: Подготвени сме да разговараме за праг под три отсто при една изборна единица