Обвинителството бара на тројца од обвинетите, вклучително и вработената во МВР, да им биде одреден притвор, а за останатите тројца, кои во моментов се недостапни за органите на прогонот, е предложен притвор по нивно пронаоѓање
Во рамки на случајот се преземаат дејствија и се прибираат докази уште против 21 лице
Вкупно шест лица се обвинети во случајот со фалсификување возачки дозволи, во рамки на кој, незаконски биле додавани Ц и Д-категориите во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус. Основното јавно обвинителсто Скопје денеска поднесе обвинение против вработена во Министерството за внатрешни работи (МВР) и против петмина возачи – сите ги товари за фалсификување исправа.

Според наводите на Обвинителството, вработената како помлад советник за патни исправи во скопското одделение за управни работи во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година во повеќе наврати ги користела своите шифри и преправала возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории. Петмината возачи обвинети во случајот, пак, иако знаеле дека немаат положено за соодветните категории, во договор со првообвинетата поднесувале барања за издавање дозволи во кои биле впишувани овие категории.
„Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или товарно возило во меѓународен сообраќај“,
соопштија од Обвинителството.
Скопското обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на тројца од обвинетите, вклучително и вработената во МВР, да им биде одреден притвор, а за останатите тројца, кои во моментов не се достапни, е предложено да им се определи притвор по нивно пронаоѓање.
Во рамки на случајот се преземаат дејствија и се прибираат докази уште против 21 лице.
