Невремето на 21 јули помина, но зад себе остави стотици паднати дрвја и прашања за безбедноста на скопското зеленило. Истражуваме зошто не се постапило по веќе издадените решенија за сечење и кроење дрвја и кој ја носи одговорноста
21 јули 2026 година. Небото над Скопје навестуваше невреме. Но, најверојатно никој не помислуваше дека ќе биде толку интензивно. Реткиот феномен, како што го нарекоа надлежните, беше со оркански ветрови до 134 километри на час. Траеше околу 40 минути, а најсилниот налет – околу 20. Покрај другата штета, меѓу највпечатливите бројки што ги објавија надлежните е дека паднале 190 стебла. Дали само силниот ветер беше причина што толку многу дрвја низ Скопје завршија на земја.
Последиците од невремето во Скопје беа и сè уште се највидливи во Градскиот парк. Сликата го покажува она што ветрот само го разобличи – состојбата со здравјето на градското зеленило.

Фото: „360 степени“
Ова не е последица само од силниот ветер. Ова е и последица од долгогодишната негрижа за сувите и скапани дрвја. А тие, ако некогаш личеле дека се здрави и придонесуваат за сенка и ладовина, во само едно невреме станаа опасност за граѓаните.
Со очигледниот факт – дека многу од паднатите дрва биле суви и требало да бидат исечени, го соочивме Емил Дуровиќ, раководител на одделнието за паркови и зеленило во Град Скопје. Тој се согласи дека ветрот не го издржале најчесто сувите и скапани дрвја, но вели дека паднале и здрави.

Меѓу нив, оние со плиток коренов систем, како иглолисните. А, потоа и тополите кои порано се саделе и сечеле многу помлади, за потребите на „Треска“.
„Пред нас е дрво кое падна од невремето, се извали, повеќегодишна топола со над 50-60 години. Беше изготвено решение за нејзино кроење, кастрење, за намалување на дрвната маса. Меѓутоа, под налетот на силата на ветерот се самоизвали. Тополите имаат широкоразгранети корени меѓутоа плиток коренов систем“,
вели Емил Дуровиќ – раководител на одделние за паркови и зеленило во Град Скопје.
Направена е голема штета и на хидрантската мрежа.
„Ова е доводно црево за хидрантската мрежа. Еве ја шахтата. Беа уништени. Моментално се работи на санирање на штетите каде ќе се обнови комплетно хидрантската мрежа во Градскиот парк за да можеме да имаме квалитетно наводнување во наредниот период“,
вели Дуровиќ.

Неколку чекори понатаму наидовме на дрво со различна дијагноза.
„Ова беше целосно суво. Се познава дека е скршено. Се познава во делот на стеблото дека за ова дрво немало спас. Затоа имаше решение за ова дрво за сечење“,
рече тој.

Ако дрвото било суво и имало одлука да се сече, логичното прашање е – зошто не било направено тоа? Дуровиќ вели дека неколкупати во изминатите шест години се правеле увиди на терен и се изготвувале решенија за сечење и кастрење дрвја во Паркот. Дел од тие решенија биле реализирани.
Последното такво решение е донесено во април минатата година кога Град Скопје требало да исече 113 и да поткрастри 303 дрвја во вториот дел од паркот. Биле обележани со С за сечење и К за кроење.
Но, вели дека ваквото решение било силно критикувано од граѓански организации. Затоа, заедно со нивни претставници направиле теренска ревизија.
„На наше барање беше. Секое едно дрво за кое покажаа желба да им се објасни, објаснивме буквално дрво по дрво – зошто е некое за сечење, а некое за криење или кастрење“,
вели тој.
Зошто откако објасниле, не го реализирале решението со што бројот на скршени или откорнати дрвја при невремето речиси извесно ќе беше помал?
„Пак ќе морам да кажам дека ние како сектор, нашата работа сме ја завршиле со детекцијата на тие дрва, сме направиле и увиди. Меѓутоа, ние бевме стопирани, буквално, во извршувањето на реализацијата на тие решенија од дел од граѓански и невладини организации. Едноставно бевме стопирани за да продолжиме со таа работа“,
смета тој.
Недоверба во стручноста на надлежните
По тврдењето на градските власти дека граѓанските организации се виновни што сувите и оштетените дрвја не биле навреме пресечени или искастрени, ги побаравме „осомничените“. Една од организациите е „Зелен хуман град“. Марјан Калевски, кој е екоактивист и член на Советот на Град Скопје, вели дека последиците од невремето биле толку големи, не поради нешто што се случило или не се случило неодамна, туку поради догогодишна негрижа.
„Не се одржуваат дрвјата како што треба. Кај нас многу често се случува дрвјата да се кастрат без некакво знаење, едноставно службите ќе дојдат, ќе ги испосечат гранките и тие што треба и тие што не треба. И многу често се случува да искастрат повеќе од што треба гранки и потоа самите дрвја знаат да заболат и едноставно да умрат, да се исушат“,
вели Марјан Калевски – „Зелен хуман град“.

Токму поради, како што вели, долгогодишното нестручно работење, тие барале надзор над последното решение за сечење и кастрење дрвја во Градскиот парк.
Калевски: „Зелен хуман град“ има став дека сите дрвја што претставуваат опасност мора да се исечат, односно оние што се навистина исушени и не можат да се вратат во живот. Што се однесува до паднатите дрвја, јас не видов дека воопшто да имаше нешто исечено по тоа. Знаете, властите понекогаш се плашат да сечат и стари дрвја, со цел да покажат дека на одреден простор има дрвја, затоа што не сакаат да имаат јавен притисок од граѓаните и организациите. За просторот да не изгледа премногу празен, знаат да ги остават и дрвјата што мора да се исечат.
360°: Ги прашавме зошто тогаш не ги исековте? Кога бевте заедно на инспекција со граѓанските организации, се согласивте што треба да се сече. Зошто потоа не ги исековте? Ни рекоа дека било поради притисокот од граѓанските организации.
Калевски: Дрвјата што мора да се исечат, мора да се исечат, и тоа е тоа. Но, при обиколката, професорот од Шумарскиот факултет укажа дека има и некои дрвја што не мора да се исечат. Едноставно, може да им се искастрат гранките и да се направи обид да се зачуваат. Недовербата е огромна, како што кажав, поради претходните примери. Имаме случаи кога се сечат здрави дрвја. Сега имаме случај во Прилеп, каде што се бараше од директорката да се исечат здрави дрвја. Во минатото имало многу манипулации со здрави дрвја, при што се тврдело дека се болни и дека мора да се исечат, а всушност му пречеле на некој инвеститор.
„Зелен катастар“
Ако за нешто се согласија градските власти и екоактивистите, тоа е дека во Паркот имало суви дрвја и дека тие требало да се исечат. Нема согланост кој е виновен што не се исечени навреме.
Професорот на Шумарскиот факултет во Скопје, Бојан Симовски, алармира дека грижата мора да се крене на повисоко ниво. Бидејќи се очекува се почеста појава на невремиња.
„Грижата не може да биде предмет на внимание само откако ќе се случат вакви настани. Таа мора да биде тековна и мора да биде постојана, за да не дојде до ваков тип оштетувања, односно до ваква опасност за градските средини“,
смета Бојан Симовски – професор на Шумарскиот факултет при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Фото: „360 степени“
дел од грижата, додава Симовски, е избор на дрвја со соодветни карактеристики за намената. А, потоа тие треба да бидат приспособени на условите на поднебјето.
„Видовите што имаат големи крошни мора да се одржуваат во текот на сите сезони, а не само кога се во вегетација. Не смее да се дозволи замрзнување на површината, поради што се избираат листопадни дрвенести растенија, особено на локации што се изложени кон сонце. Тоа значи да го отворат просторот во текот на зимскиот период, кога се вон вегетација, а, пак, особено доколку се широколисни листопадни видови, да ја понудат потребната засена и на објектите, со што се овозможува и енергетска ефикасност. Тоа се многу пошироки погледи кои треба да се применуваат севкупно при еден тип озеленување“,
вели Симовски.
Одржувањето на зеленилото би било далеку полесно со т.н. „зелен катастар“, кој треба да служи како дигитална лична карта за секое стебло. Постои на хартија и е законска обврска на општините, но во практика недостасуваат основните податоци.
„Целта е подобар квалитет на живот на граѓаните, особено во урбана средина, а притоа овозможува податоци што ќе овозможат поправилно, посоодветно и навремено негување и одржување на постојното урбано зеленило, особено дрвјата, како и насоки како треба да се одвива дополнителното озеленување во иднина“,
додава тој.
Ретко која општина ја почитува и законската обврска да има долгорочна стратегија за озеленување, додава професорот. Тоа не само што ќе придонесе за посоодветна заштита, туку и значително ќе ги намали трошоците за одржување.
„По екстремни појави, вообичаено се прават вакви остри резови. Се седнува на маса, се собира струката, се собираат сите одговорни чинители и државата се грижи ова што се случило повеќе да не се повтори. За жал, имавме многу настани претходно, речиси и свежи, кои полека нè упатуваа кон ова“,
смета тој.
Нови садници
Јавно не е познато дека по невремето некој седна на маса за да разговара за зеленилото. Без разлика, обврската за одржување останува кај „Паркови и зеленило“.
По орканските ветрови летово, тие веќе засадиле 60 садници во Градскиот парк. Велат дека внимаваат и што садат и каде.

„Имаме насадено 40 платани, десет јасени и десет ликвидамбери. Овие сорти можеме да ги нарачеме дека се поиздржливи, поавтохтони сорти за ова подрачје. Се води грижа за нивните карактеристики – кореновиот систем е подлабок, тоа се подолгогодишни дрвја, подобро опстануваат на овие моментални климатски температури и климатските промени што ги носат температуриве“,
вели Емил Дуровиќ – раководител на одделние за паркови и зеленило во Град Скопје.
Од почетокот на годинава, пак, низ Скопје се засадени околу 1 200 нови садници. Изборот на автохтони сорти со подлабок коренов систем е чекор во вистинската насока, но природата нè предупреди дека тоа е само почеток. Вистинскиот испит е долгорочната нега.
