„Националните паркови не смеат да станат ловечки игралишта, а заштитените животни да бидат прогонувани и убивани. Македонија не е ловечки парк за богати девијантни странци. ‘Маврово‘ не е ничиј трофеј. Дивите животни не се плен. Природата не е на продажба“, велат од ова Здружение
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара итно институционално постапување, целосна истрага и утврдување на одговорност во врска со видеото објавено на Јутјуб, насловено „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“, а на кое се гледа како странски државјани ловат диви кози на „Маврово“ и пијат крв од убиените животни.

Од „Анима Мунди“ најостро го осудуваат односот кон дивиот свет во националниот парк „Маврово“ и бараат институциите да утврдат кој го дозволил и овозможил ваквото постапување, како и кој бил задолжен за контролата.
„Ова не е никаков спорт, не е авантура, а најмалку љубов кон природата. Нема ништо нормлано во убивањето диво животно за забава, трофеј или комерцијален интерес“,
се вели во соопштението од Здружението.
„Анима мунди“ ја поддржуваат граѓанската организација „Еко-свест“ и другите еколошки организации кои апелираа до Владата и до Министерството за животна средина итно да ја финишираат постапката за репрогласување на паркот, а во меѓувреме да воведат мораториум за секакви активности.
„Националните паркови не смеат да станат ловечки игралишта, а заштитените животни да бидат прогонувани и убивани. Македонија не е ловечки парк за богати девијантни странци. ‘Маврово‘ не е ничиј трофеј. Дивите животни не се плен. Природата не е на продажба“,
додаваат оттаму.
Инаку, видеото го пренесе новинската агенција „Мета“, заедно со реакцијата на граѓанската организација „Еко-свест“, од каде посочија на правниот вакуум во кој се наоѓа овој „Маврово“
Во врска со видеото и ловот на дивокозите, директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, во изјава за „360 степени“ вели дека станува збор за санитарен отстрел на диви животни заради здравствена состојба.
Отстрелот, вели тој, е дел од Програмата за одгледувачки мерки, која ја одобруваат Министерствата за животна средина и за земјоделство и се однесува на следење на здравствената состојба на дивиот свет во паркот.
„Кога ќе добиеме согласност за отстрел на одреден број диви животни отпочнуваме со процесот. Тоа го објавуваме и се пријавуваат ловни друштва од кај нас или од странство. Ако странци изразуваат интерес им праќаме покана. Кога се врши отстрелот, движењето за таа намена низ националниот парк задолжително е во наше присуство“,
вели тој.
Ловците во видеото, како што додаде, се од шпанско ловно друштво.
Примероци од дивечот, како што вели директорот, се испраќаат на проверки во ветеринарни институти.
