„Стрмниот терен, бескрајните искачувања, непредвидливиот ветер и долгите сесии го дефинираат секој ден во овие планини. Ова е вистински планински лов каде што трпението, физичкиот напор и доброто донесување одлуки се важни исто колку и стрелаштвото“, се вели во објаснувањето на содржината на видеото, на кое се гледа ловот на дивокози во Националниот парк „Маврово“
Странски државјани ловат диви кози на македонските планини и пијат крв од убиените животни. Ова може да се види на видео објавено на Јутјуб пред осум месеци, насловено „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“.

Видеото е објавено на јутјуб-каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“, на кој се гледаат неколку ловци со пушки со оптички нишан како ловат дивокози, а потоа, во продолжението на филмот, кој трае околу половина час, следуваат кадри како тие собираат крв од убиена дивокоза, полнат термос со неа и потоа ја пијат.
„Во овој филм патуваме длабоко во планините на Македонија за да ловиме балканска дивокоза со нашите добри пријатели од ‘Спартан прециз’. Стрмниот терен, бескрајните искачувања, непредвидливиот ветер и долгите сесии го дефинираат секој ден во овие планини. Ова е вистински планински лов каде што трпението, физичкиот напор и доброто донесување одлуки се важни исто колку и стрелаштвото“,
се вели во објаснувањето на содржината на видеото.
Понатаму во него се наведени карактеристиките на балканската дивокоза, за која се вели дека е еден од најзначајните планински видови во Европа.
„Живеејќи на екстремен терен, овие животни го тестираат секој ловец што ќе влезе во нивниот свет. Приближувањето никогаш не е лесно, а секое стебло станува ментален и физички предизвик. Овој лов беше за приспособување на условите, доверба во искуството и прифаќање на процесот, наместо брзање со исходот. Надвор од самиот лов, ова патување беше за пријателство, споделени вредности и правење работи на правилен начин. Ловот со луѓе кои делат исто почитување кон животното, планините и ловот го прави секој момент позначаен. Македонија ни понуди незаборавни пејзажи, тешко заработени можности и спомени што ќе останат со нас засекогаш“,
се вели при крајот на текстот.
Момент од видеото укажува дека тоа е снимено во Националниот парк „Маврово“, бидејќи странските ловци се придружувани од возило со ознаки на јавната установа.
Инаку, видеото го пренесе новинската агенција „Мета“ во текст во кој ја пренесуваат реакцијата на граѓанската организација „Еко-свест“, од каде што реагираат на правниот вакуум во кој се наоѓа овој македонски планински бисер.
Во врска со видеото и ловот на дивокозите, директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, во изјава за „360 степени“ вели дека станува збор за санитарен отстрел на диви животни заради здравствена состојба.
Отстрелот, вели тој, е дел од Програмата за одгледувачки мерки, која ја одобруваат Министерствата за животна средина и за земјоделство и се однесува на следење на здравствената состојба на дивиот свет во паркот.
„Кога ќе добиеме согласност за отстрел на одреден број диви животни отпочнуваме со процесот. Тоа го објавуваме и се пријавуваат ловни друштва од кај нас или од странство. Ако странци изразуваат интерес им праќаме покана. Кога се врши отстрелот, движењето за таа намена низ националниот парк задолжително е во наше присуство“,
вели Ибраими.
Тој додава дека ловците во видеото се од шпанско ловно друштво.
Примероци од дивечот, како што вели директорот, се испраќаат на проверки во ветеринарни институти.
Од граѓанската организација „Еко-свест“ денеска апелираа до Владата и до Министерството за животна средина итно да ја финишираат постапката за репрогласување на паркот, а во меѓувреме да воведат мораториум за секакви активности. Претставници на огранизацијата денеска оддржаа прес-конференција на говореа за проблемот и ги изложија своите барања до Владата и надлежните институции.

„И покрај законските обврски, процесот за негово повторно прогласување сè уште не е завршен. Тоа значи дека ‘Маврово’ и понатаму нема клучни механизми за современо и ефикасно управување – нов закон, план за управување и просторен план. Во меѓувреме, продолжуваат активности што можат да влијаат врз природните вредности на паркот, вклучително и комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за мали хидроелектрани. Дополнителна загриженост предизвикува и несогласувањето со научните наоди и предложеното зонирање од Студијата за валоризација, која е изработена со јавни и донаторски средства“,
велат од „Еко-свест“.
Оттаму додаваат дека не станува збор за нов проблем и ново прашање. Заштитата на ‘Маврово’, велат од граѓанската организација, се следи и во рамки на Бернската конвенција, а во 2025 година била упатена препорака до македонските власти за запирање на развојот на изградбата хидроцентрали во Маврово и за итно повторно прогласување на паркот.
Од „Еко-свест“, заедно со 21 организација, упатуваат пет барања до надлежните институции.
- итно да го преземат процесот за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“;
- предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и да продолжи постапката за негово усвојување во Собранието;
- управувањето со паркот да се усогласи со научните наоди и предложеното зонирање;
- да се прогласи мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата на природата, додека не се воспостави целосна законска рамка;
- да се исполнат меѓународните обврски на државата, вклучително и препораките во рамките на Бернската конвенција.
„’Маврово’ е нашиот најстар и еден од највредните национални паркови. Заслужува јасна, функционална и законски заснована заштита. Долгогодишното одложување мора да заврши. Потребни се институционална одговорност и итно дејствување“,
велат од „Еко-свест“.
Како што пишува „Мета“, според законот за природа донесен во 2004 година, сите заштитени подрачја требало да се репрогласат во периодот до 2010 година. Првата Студија за ревалоризација на ‘Маврово’ е изработена од 2011 до 2013 година, а закон за репрогласување е подготвен во 2015 година. Сепак, како што посочуваат од организацијата, иако текстот на законот излегол на ЕНЕР, никогаш не бил донесен бидејќи бил повлечен од Владата без образложение. Од таму предупредуваат дека изминуваат и двете години од важноста и на новата студија која се изработи, а за која беа обезбедени финансии и од државниот буџет.
„Паркот се наоѓа во правен вакуум, нема закон, ниту, пак, План за управување или Програма за шумски живеалишта, што се основните документи за нормално функционирање на паркот и без кои не смеат да се вршат активности како, на пример, сеча на дрва. Овие документи ги одобрува Министерството за животна средина, со што треба да се озбезбеди ефикасна заштита на природата и биодиверзитетот“,
вели Марко Гучевски од „Еко-свест“.
