Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е одговорно да седат на страна и да чекаат актуелната владејачка гарнитура да се „доудави“ во ситуација кога состојбата во државата е лоша, туку како партија треба да покажат државничко однесување и од тие причини бараат предвремени избори
Кога велиме да одиме на предвремени избори, тоа не значи дека денеска или утре ќе имаме избори, но мораме да почнеме да размислуваме за тоа, зашто состојбата во државата не е добра, рече во вечерашното гостување во емисијата 360° на Алсат ТВ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето колку е политички примерно во услови на влада која штотуку доби мнозинска потврда во парламентот да се бараат избори.
Образложувајќи го барањето за предвремени избори, тој рече дека две третини од граѓаните, според мерењата на јавното мислење, сметаат дека државата се движи во погрешен правец затоа што актуелната Влада не ја бидува и мора да замине. Исто така, тој рече и дека на настани што ги организираат граѓани бараат да се оди на избори и ВМРО-ДПМНЕ да направи нова влада.
„Некои соговорници велат: ’Сега ви е комотна позицијата, рејтингот расте и на партијата и вашиот личен, зошто брзате? Не ги бидува, ќе се доудават овие‘, итн. Но, дали е тоа одговорно ако ние седиме на страна и немо ги набљудуваме работите и чекаме овие да се доудават? Јас не мислам дека тоа е одговорно и мислам дека сега кога навистина има многу предизвици и за државата и за граѓаните треба ВМРО-ДПМНЕ, како напати во минатото, да покаже одговорност и одговорно државнички да се однесува и затоа бараме предвремени парламентарни избори“,
вели Мицкоски.
Околу тезата дека граѓаните гласаат за пратеници и ним им се предава граѓанскиот суверенитет и легитимитет, па кога на една страна во Собранието ќе се соберат најмалку 61 пратеник, може да има Влада, како и дека тоа не е случај само кај нас, туку и во други демократии, Мицкоски коментира дека има пратеници кои работат лошо за интересите на граѓаните и преку ноќ го менуваат мислењето.
„Тоа е така, мандатот на пратениците е четири години, но тезата е дека досега гледаме дека не оди работата како што очекуваа граѓаните, гледаме дека нема напредок на ниту еден план. Сите тие ветувања врз основа на кои тие ја добија довербата, не се исполнети. Јас не знам по што би останала запаметена оваа влада“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
*Повеќе вести од интервјуто на Мицкоски за 360°:
Мицкоски: Владата на Ковачевски нема да направи ништо подобро од последната на Заев
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште двајца потпретседатели
Мицкоски: Задоволен сум од досегашната работа на градоначалничката Арсовска
Мицкоски со предлог: Да го намалиме бројот на пратеници на 90 и да зборуваме за една изборна единица
Мицкоски: Подготвени сме да разговараме за праг под три отсто при една изборна единица
Мицкоски за случајот со ЕВН Електрани: Да го истражат случајот и секој што се огрешил да одговара