Ова како што велат од партијата, е потврда на нивните ставови што ги излесувале во изминатиот период оти не постојат дополнителни услови или гаранции во евроинтеграцискиот процес.
„Распишете референдум веднаш! Граѓаните сами нека одлучат дали сакаат европска иднина или изолација и криминал. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега“, порачаа од СДСМ по посетата на Кошта во Скопје
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) вечерва соопштија дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при денешната посета во Скопје директно му порачал на премиерот Христијан Мицкоски оти уставните измени се единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори со Европската Унија.

„Ништо повеќе. Еве уште еден јасен доказ за она што СДСМ го повторува месеци наназад. Мицкоски повеќе не смее да им ги мачка очите на граѓаните“,
велат од партијата.
Според опозициската партија, ова е доказ за нивните предупредувања оти не постојат дополнителни услови или гаранции во евроинтеграцискиот процес.
„ЕУ нема никакви дополнителни услови, нема ниту дополнителни гаранции. Има само еден услов – уставни измени, внесување на малцинствата во Уставот“,
се наведува во партиското соопштение.
Оттаму велат дека тврдења на Владата се неточни и претставуваат одвлекување на вниманието, повикувајќи на распишување референдум.
„Распишете референдум веднаш! Граѓаните сами нека одлучат дали сакаат европска иднина или изолација и криминал. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега“,
велат од СДСМ.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски рече дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците“,
кажа тој.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека исто како што кажал и пред една година, важи и сега, односно дека треба да се испорача она што е договорено.
„Како што кажав и пред една година. Она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Освен тоа, се работи за нормалниот процес на проширување, да се отворат и затворат различни поглавја, различни кластери. И преговорите одат чекор по чекор. Тоа е процес што се заснова на заслуги. Тоа е она што го прават и другите земји кандидати“,
рече Кошта.
Сепак, на дополнително новинарско прашање да даде прецизен одговор дали Европскиот совет може да усвои заклучоци што би претставувале гаранции за Македонија, Кошта не даде директен одговор и истакна дека таква можност би можела да се разгледува откако земјата ќе ги исполни преземените обврски.
„Посакувам што е можно порано Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но, за ова, зависи од Северна Македонија да го направи тоа што го договорила во 2022 година“,
додаде претседателот на Европскиот совет.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата со Кошта повтори дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но дека не бара привилегии или олеснети правила, туку предвидлив и принципиелен процес во кој реформите и резултатите ќе бидат соодветно вреднувани.
Според него, Владата продолжува со спроведување на реформската агенда и посветено работи на европската интеграција.
