Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги потпиша законските измени со кои се предвидува до 10 години затвор за ревервистите што ќе одбијат да се борат, дезертираат, не почитуваат наредби или се предадат на украинските сили. Според стариот закон, војниците дезертери се соочуваа со петгодишна казна затвор.
Законските измени дојдоа откако Русија оваа недела најави делумна мобилизација на резервисти за да се борат во Украина, каде руските сили претрпеа неуспеси во последните недели.
Наредбата за мобилизација, за која властите велат дека се однесува на 300.000 луѓе, предизвика загриженост кај многу Руси, а некои одлучија да ја напуштат земјата.
Додека од една страна Москва со сите средства се обидува да регрутира повеќе мажи за да одат на боиштата во Украина, Путин потпиша уште еден закон со кој им олеснува на странците да се приклучат на руската армија за да добијат руско државјанство. Според овој закон, странците кои ќе се приклучат на армијата за период од најмалку една година ќе можат да аплицираат за државјанство без да престојуваат пет години на руска територија, што беше услов досега.