Од СДММ упатија критики кон власта за тоа што со вториот ребаланс на буџетот се скратени средства за образование и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови

Протекување вода од сите страни, отсуство на греење и топла вода, влага во собите и пукнат бојлер се условите во кои престојуваат студентите во домот „Стив Наумов“ само еден месец по неговата реконструкција, обвинија денеска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).
На прес-конференција, претседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска, истакна дека и покрај ваквите супстандардни услови, партиципацијата за сместување се зголемила на 6 600 денари месечно.
„Ова ли е домот од А-категорија што го ветуваа Јаневска и Мицкоски? За што плаќаат студентите 6 600 денари месечно? За дефекти во домот што требаше да биде целосно реновиран. Студентите не добија ништо, ниту достоинствени услови за живот, ниту повисок студентски оброк“,
изјави Кузмановска додавајќи дека при последната хаварија со бојлерот, за среќа, немало повредени.
Од СДММ упатија критики кон власта за тоа што со вториот ребаланс на буџетот се скратени средства за образование и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови.
Покрај подобрувањето на условите во домовите, СДММ бара итно зголемување на студентскиот оброк од сегашните 140 на 200 денари, посочувајќи дека тоа е минимумот за пристоен и здрав оброк.
Кузмановска порача дека СДММ стои зад студентите и го обвини премиерот за занемарување на потребите на младите и ненаменско трошење на буџетските средства.
„Мицкоски нема пари за младите, затоа што ги троши за своите криминални тендери. Студентите заслужуваат достоинствен живот“,
додаде таа.
Платформата „Студентарија“ на својот профил на Инстаграм објави неколку видеа на кои може да се видат проблемите со кои, според нивните тврдења, се соочуваат студентите во „Стив Наумов“.
Оттаму посочуваат дека освен едно видео, кое е снимено пред неколку дена, сите други се направени вчера во вечерните часови
