„Кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската Унија, ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција со желба што побрзо да се најдеме заедно во европското политичко семејство. Македонија може да биде сосема сигурна дека во Црна Гора ќе има доверлив партнер“, рече црногорскиот вицепремиер

Црна Гора ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција бидејќи сметаме дека Европската Унија не може да биде комплетна без сите земји од регионот. Ова го порача вицепремиерот задолжен за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ, за време на неговата дводневна работна посета на земјава.
На заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, Ивановиќ нагласи дека Подгорица се залага проширувањето на ЕУ да биде по заслуги. Тој истакна дека Црна Гора, како предводник во преговорите, очекува да стане полноправна членка во 2028 година, но дека тоа нема да значи излез од регионот, туку поддршка и за другите држави од регионот и нивно членство.
„Кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската Унија, ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција со желба што побрзо да се најдеме заедно во европското политичко семејство. Македонија може да биде сосема сигурна дека во Црна Гора ќе има доверлив партнер“,
истакна Ивановиќ.
Двајцата вицепремиери потврдија дека меѓусебните политички односи се одлични и без отворени прашања, што отвора широк простор за продлабочување на економските и инфраструктурните врски.
Во однос на патната инфраструктура, рекоа дека се разогварало за поврзување со пристаништето Бар во Црна Гора, што според вицепремиерот Николоски ќе се реализира преку веќе започнатата изградба на автопатот Скопје – Блаце.
„Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето во Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море да имаме излез на најмалку три пристаништа“,
рече Николоски.
