Како што посочи тој, Мицкоски и гувернерот на Народната банка се најповикани да одговорат на тврдењата за префрлањето пари од Белград бидејќи влезот на Алта банка се случил со нивно знаење и одобрување
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ги обвини премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и Јавното обвинителството дека молчат во врска со наводите дека по изборниот пораз на Александар Вучиќ во Србија во земјава се префрлаат големи суми пари преку Алта банка.

Обвинувањата на опозиционерите на прес-конференција ги изнесе секретарот за меѓународна соработка на партијата Андреј Жерновски кој, осврнувајќи се на вчерашното гостување на премиерот во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, рече дека во него видел еден уплашен политичар кој зборува за сè, освен за она што сите го прашуваат.
„Не зборува за криминалот, за криминалните пари и за тоа кој овозможи Алта банка да влезе и сега овозможува пари да се трансферираат од Белград до Скопје и преку Скопје до Москва. Гледаме молк, што е исто така многу страшно, и од гувернерот Трајко Славески. Гледаме молк и од обвинителството и затоа денешната прес-конференција е крајно сериозна. Затоа што тоа што се случува со премиерот, со нашата држава, со обвинителството, со Народна банка е нешто што не можеме да го премолчиме и не смееме да го премолчиме“,
рече Жерновски.
Како што посочи тој, Мицкоски и гувернерот на Народната банка се најповикани да одговорат на тврдењата за префрлањето пари од Белград бидејќи влезот на Алта банка се случил со нивно знаење и одобрување. Одговорите на ова прашање, според секретарот за меѓународни односи на СДСМ, не ги очекуваат само граѓаните во земјите туку и оние во регионот.
Жерновски рече дека Социјалдемократскиот сојуз изминативе две години упорно објаснувал дека станува збор за банка на која Централната европска банка и забранила пристап на пазарот на Европската Унија поради сомнеж за потеклото на парите, сомнежи за перење пари и поради оценка дека претставува безбедносен ризик за целиот регион.
„И на таа и таква банка, на којашто ѝ се оневозможува влез во Европската Унија, на европскиот пазар, некој, односно тие некои се Мицкоски и Трајко Славески, овозможуваат такви пари, таква банка да влезе во нашата држава“,
рече Жерновски.
Тој излезе со наводен податок, кој, како што кажа, партијата го добила од свиркачи, дека по влезот на банката во Македонија, институции и компании во земјава и нивни вработени биле усно принудувани да работат преку наведената банка.
„Ако е тоа така, а ќе се докаже дека е така, бидејќи ако не излезе Мицкоски, ќе ги добиеме тие информации. Тоа значи дека Македонија е директно инволвирана во оваа криминална мрежа со криминални пари и затоа не може понатаму да се молчи на ова прашање. Верувале или не, според последните информации коишто доаѓаат од соседна Србија, од централата на Алта банка во Белград се префрлаат фрапантни над 50 милиони евра во Алта банка Македонија“,
рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ.
Поради овие информации, посочи тој, партијата инсистира на одговори од повиканите претставници на власта и на институциите во земјава.
Но, како што додаде, оттаму и понатаму молчат, а тоа, вели, е дел од стратегијата на премиерот, кој се води по народната поговорка „секое чудо за три дена“.
„Но, молчеше за петте тони дрога. Еве, почнува истрагата. Молчеше за кинеските пари коишто ги добивме од Унгарија преку кредитот од една милијарда евра. Ете ги истрагите во Унгарија. Така што, му сугерираме да не молчи, туку веднаш да излезе пред граѓаните и да каже за потеклото на овие криминални пари“,
кажа Жерновски.
