Ги повикавме и другите институции, како премиерот и претседателот, да се вклучат и да помогнат некако во ситуацијата бидејќи неправедно сме доведени во состојба да застанеме, да блокираме и да правиме штета и хаос во сообраќајот на територија на Град Скопје. Не по наша вина, повторно повторувам, вели за „360 степени“ Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“
Приватните превозници на „Слобода превоз, кои утрово ги паркираа своите автобуси и го блокираа сообраќајот на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево по поминати повеќе од пет часа во протест поради неисплатените долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, се во исчекување на некаков исход од седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје и седницата на Управниот одбор на ЈСП што ќе им даде некаква извесност за решавање на нивните барања.

Очекувањата на возачите се дека ќе има позитивен епилог бидејќи, како што велат, тие се сто отсто во право и единствено што бараат е исплата на нивните чесно заработени пари.
Седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје, како и онаа на Управниот одбор на ЈСП „Скопје“ се закажани за во 14 часот. На онаа на Управниот одбор на ЈСП претставниците на приватните превозници ќе имаат можност, како што ни изјавија, ќе имаат можност директно да му се обратат на директорот на ЈСП, Александар Стојковски, да им одговори зошто претпријатието не им префрла средства.
„Ја очекуваме седницата на Град Скопје каде што ќе бидат поставени советнички прашања, очекуваме да има некој епилог позитивен за нас бидејќи сме 100 проценти во право, чесно заработени средства да ни бидат исплатени и да продолжиме да работиме и да го сервисираме сообраќајно Градот Скопје. Исто така, поканети сме да учествуваме на седницата на Управниот одбор на ЈСП каде што најверојатно ќе имаме можност директно да поставиме прашање до директорот на ЈСП, зошто не ни се плаќа по договорот и зошто се дозволи да ни се наталожи долгот од речиси 2 милиони евра“,
вели за „360 степени“ Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“.
Тој во името на возачите кои се дел од ова здружение на приватни превозници ги повика премиерот и претседателот на државата да се вклучат и да помогнат во надминување на проблемот.
„Ги повикавме и другите институции како премиерот и претседателот да се вклучат и да помогнат некако во ситуацијата бидејќи неправедно сме доведени во состојба да застанеме, да блокираме и да правиме штета и хаос во сообраќајот на територија на Град Скопје. Не по наша вина, повторно повторувам“,
вели Муриќ.
Дел од возачите со кои разговараше „360 степени“ се во неизвесност и во исчекување на некаква позитивна вест, во спротивно велат дека остануваат на улиците, но не превезувајќи патници туку протестирајќи додека не им биде подмирен долгот.
„Не знаеме што ќе се случи. Во исчекување сме. Ситуацијата ни е тешка“,
вели возач на „Слобода превоз“.
Според него и уште неколкумина негови колеги, парите што ги чекаат од Град Скопје во најголем дел се за да можат да ги исплатат нивните долгови што ги направиле инвестирајќи во набавка и сервисирање на автобусите.
„Платата е друга работа. Јас не сум зел плата три месеци. Но осумдесет отсто од парите што ги чекаме се за да ги подмириме нашите долгови за гуми, за нафтени деривати, за осигурителните компании, за сите оние трошоци што сме ги направиле инвестирајќи во оваа работа од која вадиме леб“,
велат тие.







Тие сè уште зборуваат со голем револт за минатонеделната изјава на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека не ги пријавувале средствата од наплатени билети.
„Ние во приватните автобуси не продаваме билети. Во приватен автобус можеше да се возиш со картичките што ги издава ЈСП и се продаваат во нивните билетарници и со плаќање преку мобилен телефон. Поинаку не може. Тоа што го кажа градоначалничката е лага“,
велат возачите.
Во очај еден од нив вели дека ако не им се реши прашањето нема да можат да заработуваат за леб.
„Што треба да правиме? Некое кривично дело и да завршиме во затвор, па државата да нè рани“,
вели возач.
Инаку, протестот пред „Мавровка“ се одвива мирно, без никакви инциденти. Полициски екипи се присутни на местото и, иако автобусите на на „Слобода превоз“ се паркирани на сите коловозни ленти од четирите страни, сепак, слободни се оставени приклучните ленти, за пред сè полесно да можат да поминуваат возилата на Итна помош.
Денешниот протестот на приватните превозници вклучени во јавниот линиски превоз почна рано утринава. Тие ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“, каде паркираа над 30 автобуси.
Автобусите што возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во четвртокот, минатата недела на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Како што истакна Арсовска, станува збор за шема на злоупотреба со која биле затајувани средства од продадени билети и пари за кои не бил пријавен данок и ги обвини раководствата на двете здруженија, односно нивните директори за криминал.
Најодговорно тврдам дека „Слобода превоз“ од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, истиот ден на прес-конференција нагласи директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, демантирајќи ја градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Тој потенцира дека немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови што ги има определено ЈСП.
Во петокот директорот на здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, имаше средба со координаторите на советничките групи на Град Скопје, од која, како што изјави, бил задоволен.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, по средбата со претставниците на приватните превозници, рече дека тие како Совет немаат надлежност за решавање на спорот со долгот на ЈСП „Скопје“ кон превозниците и дека нивно било да ги ислушаат и подетално да се запознаат со проблемот.
„Ние имаме надлежност кон ЈСП. Ние префрливме, како што знаете со одлука од пред две недели, околу два милиони евра за исплата на плати на ЈСП. Да има некој начин да паднат од небо уште пет милиони евра кај ЈСП, никој не гарантира дека Јавното сообраќајно претпријатие ќе ги извршува своите обврски кон овие доверители, кон приватните превозници, затоа што тие најверојатно имаат обврски и на други страни. Тука надлежноста е целосно на директорот на ЈСП и на градоначалникот на Град Скопје“,
изјави Славески по средбата.