Како што истакна Арсовска, станува збор за шема на злоупотреба со која биле затајувани средства од продадени билети и пари за кои не бил пријавен данок и го обвини раководствата на двете здруженија, односно нивните директори за криминал
Двете здруженија на градски превозници за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет, а во ЈСП ги пријавувале само изминатите километри или вкупно околу 400 000 километри месечно, за што од ЈСП фактурирале соодветна сума на пари, односно по 400 000 евра месечно.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Како што истакна Арсовска, станува збор за шема на злоупотреба со која биле затајувани средства од продадени билети и пари за кои не бил пријавен данок и ги обвини раководствата на двете здруженија, односно нивните директори за криминал.
Ова, како што посочи градоначалничката, го покажала ревизијата што ја врши Град Скопје во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кое е под надлежност на Градот и има склучено договори со здруженијата на приватните превозници.
Таа најави дека по изготвувањето на финалниот извештај од ревизијата ќе биде доставен до надлежните институции.
„Она што е евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење коешто произлегува од договорот со организаторите на приватниот превоз `Макекспрес` и `Слобода превоз` и тие од крајот на 2017 година до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во автобусите односно во приватните превозници кои се членови на овие две здруженија. Иако пријавувале дека возеле околу 400 000 километри месечно и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар, средства што ги фактурирале во ЈСП „Скопје“. Во меѓувреме од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту еден продаден билет во автобус. Наједноставно, наплаќале билети тие пари не ги пријавувале и завршувале најверојатно во нечиј џеб, а потоа фактурирале по 400 000 евра од ЈСП секој месец и оваа очигледно добро разработена шема трае цели пет години. Последната добиена информација е дека последниот продаден билет во овие приватни превозници е од крајот на 2017 година. Тие одбивале да доставуваат податоци за продадени билети туку и да ги фискализираат автобусите со тоа што сите средства што ги генерирале завршувале некаде, меѓутоа никој не знае каде“,
рече Арсовска на прес-конференцијата.
Градоначалничката претходно го појасни начинот на кој според склучените договори приватните превозници и ЈСП требало да си ги исполнуваат обврските едни кон други што, според Арсовска, не било случај изминатите пет години.
Имено, како што објаснуваше градоначалничката, ЈСП „Скопје“ склучува договори со приватните превозници, во случајов тоа се здруженијата „Макекспрес“ и Слобода превоз“, кои застапуваат приватни превозници. Врз основа на договорите, ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а со зголемувањето на цените на горивата по едно и пол евро по извозен километар. Оваа обврска, како што посочи Арсовска, месечно чини 24 милиони денари. Согласно договорот, приватните превозници имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка и да ги валидираат во интегрираниот систем на ЈСП „Скопје“.
„Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума што ЈСП им ја должи за секој изминат километар се одбива сумата што ја наплатиле од продадените билети. Тоа значи дека доколку денеска остварат одредена сума од продадени билети, остатокот што треба да им се доплати им го надоместува Градот Скопје врз основа на тоа колку тие имаат пријавено дека генерирале приход во текот на еден месец, за секој ден поединечно“,
објаснуваше Арсовска.
Но, како што истакна таа, двете здруженија за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет, а во ЈСП ги пријавувале само изминатите километри или вкупно околу 400 000 километри месечно, за што од ЈСП фактурирале соодветна сума на пари, односно по 400 000 евра месечно.
„Ние почнавме, како што кажав, со ревидирање на процесите, можеби не сите податоци се за во јавност во моментите кога се одвиваат овие ревизии, но бидејќи темата е многу актуелни и бара да се образложи, поднесоците што ќе ги поднесам до надлежните институции ќе се случат по генерирањето на финалниот ревизорски извештај“,
рече градоначалничката на Скопје.
Арсовска изјави дека станува збор за сериозно затајување данок кој не е платен во овие изминати пет години.
„Не само што е злоупотреба она што се случувало во јавниот превоз туку е сериозно затајување данок кој не е платен за овие изминати пет години и е нешто што не смее ниту во еден случај да се дозволи. Каде завршувале овие пари кои `Слобода превоз` и `Макекспрес` требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП и до УЈП од продажбата на билети доколку за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет. Она што е многу важно, а верувам дека сите вие знаете е дека за тие билети е наплаќано. Тие не ги возеле патниците без да им наплатата за тоа што го оставрувале своето право на јавен превоз. Целата сума од 400 000 евра ја фактурирале од ЈСП и ја добивале на своите жиро-сметки. Понатаму, од `Слобода превоз` и од `Mакекспрес` на кој начин им се распределувале средствата на индивидуалните приватните превозници, дали им со плаќало и во која мера ние увид немаме. Тоа ќе треба да се занимаваат надлежните институции едновремено кога ќе требаа да разгледаат каде отишле сите овие средства кои за сиве овие години не ги пријавиле“,
рече Арсовска додавајќи дека не е чудо што во изминатите години ЈСП е девастирано и доведено во ситуација да биде еден од големите загубари.
Одговарајќи на новинарско прашање, како ги коментира блокадите на улиците од страна на „Слобода превоз“ најавени за утре, Арсовска рече дека станува збор за политичка манипулација бидејќи раководството на здружението добро знае дека доколку неколку дена не сообраќа на линиите договорот што го има се раскинува по автоматизам.
„Доколку тоа му е целта, нека повели нека го направи, меѓутоа криминалот нема да си го покрие. Ние нема да попуштиме, не сме попуштиле на многу посилни луѓе од овие двајца поединци што си ги полнеле џебовите, па нема да им попуштиме ниту на нив“,
рече градоначалничката на Скопје.
Автобусите што возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.