Тие велат дека се чесни луѓе кои самите инвестирале во сето она што го имаат, самите се вработиле, редовно плаќаат даноци, а сега се доведени во ситуација да немаат земено плата и шест месеци
Возачите со револт ја коментираат вчерашната изјава на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и велат дека таа сака да направи раздор помеѓу превозниците и нивните претставници. Како што најавија, денеска ќе имаат средби со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје, на кои ќе разговараат за проблемот
Приватните градски превозници утрово излегоа на протест пред просториите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ поради неисплатениот долг од страна претпријатието кое е под надлежност на Град Скопје.

Тие, како што најавија, ги паркираа автобусите на булеварот пред управните простории на ЈСП и бараат средба и објаснување од директорот на јавниот градски превозник Александар Стојковски за доспеаниот долг кој, според нив, за неколку дена ќе достигне два милиони евра.
Возачите за „Слободен печат“ изјавија дека се чесни луѓе кои самите инвестирале во сето она што го имаат, самите се вработиле, редовно плаќаат даноци, а сега се доведени во ситуација да немаат земено плата и шест месеци.
„Сите ние, а и сите наши корисници на превозот знаат дека од самиот почеток фискалните апарати, кои воедно ни ги монтираше и ни ги инсталираше ЈСП, не функционираат ниту во приватните автобуси ниту, пак, во автобусите на ЈСП. ЈСП ја има целата контрола врз билетите. Затоа, ние убаво рековме дека бараме од наплатата нашиот дел да ни биде исплатен. Значи, не ни е исплатен. За жал, градоначалничката не најде време за да нè прими“,
велат приватните превозници.
Тие со револт ја коментираат вчерашната изјава на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и велат дека таа сака да направи раздор помеѓу превозниците и нивните претставници.

„Тоа е уште една срамна работа. Срам да ѝ е на градоначалничката за која ние на времето се заложивме максимално. Македонија е демократска држава, ние имаме право да се здружуваме и да формираме фирми и да учествуваме како сакаме. Ние да ја немавме таа доверба немаше да функционираме децении и децении наназад. Се сменија гарнитури на градоначалници и локални власти, а ние функциониравме без проблем сè додека не дојде оваа градоначалничка и почна да дава вакви изјави. Срамота е! Срам да ѝ е во името на сите превозници! Нè оставија без леб. Не можеме да однесеме леб дома. Знаете што значи тоа! “,
велат возачите.
Како што најавија, денеска ќе имаат средби со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје, на кои ќе разговараат за проблемот.
Хаосот со јавниот превоз во Скопје почна пред еден месец, кога вработените на ЈСП „Скопје“излегоа на протест поради неисплатени плати, а главниот град за прв пат во историјата цел ден остана без јавен градски превоз.
По ЈСП, со работа престана приватниот превозник „Макекспрес“ поради неисплатен дол од ЈСП, а од понеделникот, оваа неделава од истите причини престанаа да сообраќаат и автобусите на другиот приватен превозник „Слобода превоз“.
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ од синоќа ги префрли своите автобуси чии линии тргнуваат од централата од Автокоманда во Транспортниот центар под Железничката станица, откако приватните превозници ги најавија протестите пред централата на ЈСП. Освен во Транспортниот центар, дел од автобусите на ЈСП се паркирани и на други поголеми пакинг-места, резервирани за нивни автобуси кои сообраќаат на одредени линии.
Вчера градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Арсовска вчера на прес-конференцијата соопшти дека Градот Скопје изготвил нов јавен повик на кој секој од индивидуалните приватните превозници што ќе ги исполни условите ќе му биде овозможено да добие линија на која ќе врши превоз на патници во главниот град.
По Арсовска, вчера со прес-конференција излезе и директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој ги демантираше обвинувањата на градоначалничката на Скопје.
„Најодговорно тврдам дека `Слобода превоз` од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин“,
рече Јовановски.
Осврнувајќи се на изјавата на Арсовска за тоа дека ќе има нови огласи за аплицирање за превозниците повторно да се вклучат во сообраќајот, рече дека тоа е возможно и оти немаат ништо против тоа.
Автобусите кои возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот, оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.