Едниот договор за кој се гони поранешниот генерален секретар е за консултантски услуги во врска со „Пошта“, додека другиот исто така е за консултантски услуги, но за потенцијална приватизација на „Железници“
Зеќири на функцијата генерален секретар беше назначен во ноември 2020 година, а дојде на местото на Драги Рашковски, против кого веќе се води судски процес за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари во случајот со набавката на софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација
Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири доби обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата, а за кои во обвинението се тврди дека се направени спротивно на Законот за јавни набавки и дека со нив е оштетен државниот буџет за вкупно 89 385 255 денари (околу 1 453 418 евра).
Обвинителниот акт денеска до Основниот кривичен суд Скопје во поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и паралелно побара продолжување на куќниот притвор.
Зеќири со обвинението се товари за повеќекратно извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба.
Првиот договор за кој се гони ексгенералниот секретар е за консултантски услуги во врска со АД „Пошта на Северна Македонија“, а за која постапка се осомничени и двајца хрватски државјани кои се недостапни за македонското обвинителство.
Договорот бил потпишан на 4 мај 2021 година, склучил договор за консултантски услуги вреден 795 000 евра. Фирмата со која бил склучен овој договор била формирана само дваесет дена пред неговото потпишување, а еден од Хрватите осомничен во постапката е соосновач и управител. Оваа фирма понатаму склучила уште еден договор со вториот осомничен Хрват.
„По склучениот договор, правното лице склучило договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД ‘Пошта на Северна Македонија’ Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130 000 евра во денарска противвредност. Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари (околу 942 000 евра), што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18 отсто ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“,
објаснуваат од ОЈО ГОКК.
Вториот договор за кој се гони Зеќири, пак, е за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Железници“. Тој бил склучен еден месец со друга фирма на 23 јули 2021 и бил во вредност од 772 400 евра без ДДВ.
„На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11 284 162 денари (околу 183 000 евра) за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26 247 138 денари (околу 378 000 евра), за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“,
велат од Обвинителството.
ОЈО ГОКК наведува дека пред да се склучат овие договори не се испочитувал Законот за јавни набавки односно не била спроведена соодветна јавна набавка за да може на конкурентен начин да се избере фирма.
Зеќири на функцијата генерален секретар беше назначен во ноември 2020 година, а дојде на местото на Драги Рашковски, против кого веќе се води судски процес за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари во случајот со набавката на софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.
Истрагата за случајот со Зеќири беше отворена во април годинава, а по нејзиното завршување и поднесувањето на обвинителниот акт денеска, сега на ред е Основниот кривичен суд Скопје да направи оцена на обвинението односно да донесе одлука дали ќе го прифати.