Во екстрадиционен притвор се наоѓа Хрватот Данијел Иванагиќ кој се бараше со меѓународна потерница, а е осомничен во истиот случај каде е и поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, објави А1ОН. Иванагиќ, управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“ од кое според Обвинителството, Зеќири нарачал физибилити-студија, е упасен во Словенија.
Според информациите, тој бил задржан на граничен премин, кога се обидел од Хрватска да влезе во Словенија.
Истрагата против Зеќири, уапсениот Иванагиќ и Фудуриќ по кој се трага, е во тек. Првоосомничен е ексгенералниот секретар, а хрватските државјани се осомничени за помагање при извршување на злоупотребата на службената положба и овластување.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“,
пишуваше во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.