По сведочењето, обвинителката Трајчева излезе задоволна од судница бидејќи смета дека се докажуваат тезите на обвинителството бидејќи како што рече Зеќири потврдил дека софтвер за сообраќајни прекршоци не бил ставен во функција, а системот за биометриска идентификација воопшто и не бил доставен
Мухамед Зеќири, кој го наследи Драги Рашковски на функцијата генерален секретар на Владата, денеска во судница сведочеше дека при примопредавање на функцијата не бил запознаен со двата софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, за кои се води судски процес во кој токму Рашковски е првообвинет.
За да сведочи во судскиот процес за неговиот претходник, Зеќири беше спроведен од куќен притвор каде се наоѓа со одлука на судот бидејќи е осомничен во случај за склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.
Тој рече дека ниту на седниците на Владата, на кои тој присуствувал, не се разговарало за двата софтвери за кои се гони Рашковски. На прашање на обвинителката Ивана Трајчева дали Генералниот секретаријат има надлежност да утврдува брзина на движење на возила и да изрекува казни, Зеќири рече дека, колку што му е него познато, Владата не го прави тоа.
Тој кажа и дека според одговорите што му ги доставиле службите додека бил на функцијата, Владата немала одлука да се набави ваков софтвер, по што следуваше и прашање од обвинителката за тоа која е процедурата за да се направи набавка за друга институција алудирајќи на потребите на МВР, како што тврдеше Рашковски кога беше обелоденет случајот.
„Ако не грешам, тоа оди по барање на институцијата, се носи одлука на Влада, се врши набавката и се прави примопредавање кон институцијата”,
рече Зеќири.
Тој одговори негативно и на прашањата дали пронашол документација дека се формирани работни групи за имплементација на софтверот и дали тој бил ставен во функција.
И за софтверот за биометриска идентификација Зеќири посочи дека не бил ставен во функција додека тој бил генерален секретар и потврди дека кабините кои биле набавувани за овој софтвер не биле во Владата.
„Се формираше пописна комисија, таа го утврди местото каде се наоѓаат и ми покажаа слика. Се утврди дека се во просториите на Стаклара. Прашав зошто не се во Владата и ми рекоа дека поради обемот немало таква просторија за да ги сместат таму”,
рече Зеќири кој појасни дека се формирала пописна комисија за да се утврди фактичката состојба.
А, дали воопшто бил пронајден софтверот, тој одговори дека не се сеќава, но оти стои на писмениот одговор што го дале од Владата по барање на обвинителството.
Во серијата прашања што му ги постави Трајчева, последните се однесуваа на ангажирањето на хонорарци во Генералниот секретаријат, од кои дел седат на обвинителна клупа со Рашковски. Зеќири рече дека лично не ги познава, но им ги знае имињата од списокот што го видел за ангажирани лица. Точно, посочи, не знае за што биле ангажирани, но дел работеле со Рашковски.
„Со мене тие не работеа, но на дел им беше продолжен договор бидејќи Рашковски доби нова функција во Владата и за тие потребни им беше продолжен договорот”,
рече Зеќири.
Рашковски, пак, со своите прашања упатени до неговиот наследник на функцијата, се обиде да докаже дека нема ништо спротивно на законот при набавките на двата софтвери. Па така го праша Зеќири дали е точно дека како Генерален секретаријат имале право самостојно да ги носат одлуките за потребите за реализација на јавни набавки и дали е точно дека не им била потребна одлука на Владата, на што Зеќири му одговори потврдно.
Рашковски со прашањата се обидуваше да ги дискредитира и другите одговори што Зеќири ѝ ги даде на обвинителката, па така прашуваше дали постои писмена евиденција дека е направена проверка дека софтверот за биометриска идентификација го нема, дали побарал пристап до софтверите на Владата за да се види дали е инсталирана апликацијата за софтверот за сообраќајни прекршоци, дали направил анкета меѓу вработени дека не е спроведена обука на вработените за имплементација на тој за биометриска идентификација итн.
На ова Зеќири, а и обвинителката Трајчева во приговорите наведуваа дека одговорите што ги испраќал до обвинителството во текот на истрагата биле врз основа на тоа што го информирале службите.
По сведочењето, Трајчева излезе задоволна од судница бидејќи смета дека се докажуваат тезите на обвинителството бидејќи како што рече Зеќири потврдил дека софтвер за сообраќајни прекршоци не бил ставен во функција, а системот за биометриска идентификација воопшто и не бил доставен.
„Јас сум сигурна во тоа бидејќи ако слушнавте, сведокот беше дециден и кажа дека генералниот секретаријат не може да утврдува просечна брзина во сообраќајот ниту да изрекува казни. И да не го кажеше тоа сведокот, постои Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата каде точно е појаснето кој може да ги врши тие функции. Од друга страна ако тоа било набавено и ставено во функција тогаш сведокот како следен генерален секретар ќе знаел дека такви софтвери се набавени ставени во функција, немал зошто да прашува дали нешто е ставено во функција ако такво нешто постои“,
рече Трајчева во изјава за медиумите.
Кривичните дела за кои се гони Рашковски во овој случај се злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети сè уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.