Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика ја даде изјавата по министерскиот состанок во Брисел со шестемина колеги од земјите од регионот на Западен Балкан. Калас порача дека Брисел е подготвен да ги поддржи земјите од регионот во нивните напори за борба против хибридните закани и дезинформациите, но дека за возврат очекува понатамошни реформи и усогласување со надворешната политика на ЕУ
Министрите за надворешни работи на ЕУ дадоа политичка поддршка за продлабочување на соработката со нашите партнери од Западен Балкан за надворешни, безбедносни и одбранбени прашања – изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас по денешниот министерски состанок во Брисел.

Калас ја даде изјавата по сесијата на министерскиот состанок во Брисел на која шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија се сретнаа со шестемина колеги од земјите од регионот на Западен Балкан. На крајот од состанокот, шефицата на ЕУ за надворешна и безбедносна политика рече дека Брисел е подготвен да ги поддржи земјите од регионот во нивните напори за борба против хибридните закани и дезинформациите.
„Но, јасно е дека партнерствата одат во двата правци. За возврат, очекуваме понатамошни реформи, почитување на владеењето на правото и јасно усогласување со надворешната политика на ЕУ. Во овие геополитички времиња во кои живееме не станува збор само за исполнување на обврските Западен Балкан има место во Европската Унија, а чекорите што ги зацртавме денес се насочени кон оваа цел“,
порача Калас.
Таа истакна дека не сите земји во регионот се целосно усогласени со политиката на санкции на Европската Унија.
„Добро знаеме дека сите земји од Западен Балкан се различни и имаат различен поглед на работите, што во голема мера се одразува во почитувањето на заедничката надворешна и безбедносна политика“,
додаде високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
