Претседателката на СКРМ додаде дека досегашните трпеливост и пристојност на синдикатот биле погрешно протолкувани како слабост, најавувајќи поотворено дејствување и префрлање на протестите пред Министерството за култура. Порача дека со денешната одлука уставните судии ќе покажат дали се бранители или „гробари на правата и правдата“

Со симболичен перформанс на „погреб“ на правдата, проследен со посмртен марш од блех-оркестар, палење свеќи пред транспарентите со натписи „Правда“ и „Права“, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска одржа протест пред Уставниот суд, во пресрет на одлучувањето за Колективниот договор за култура.
Претседателката на СКРМ, Верица Атанасовска, рече дека е апсурдно работниците да мораат да ги бранат своите стекнати права токму пред институцијата која треба да биде браник на уставноста. Таа јавно го постави прашањето зошто Судот токму сега одлучува за Колективниот договор, во момент кога на претседателот на Уставниот суд и на уште еден судија им завршува мандатот следната недела, додека други предмети, меѓу кои и синдикалната иницијатива за Упатството за пресметка на платите во културата, со години стојат во фиока.
„Дали претседателот на Уставниот суд знае дека доколку утре стане професор на некој од универзитетите во нашата држава, ќе ги ужива истите права, буквално препишани од Колективниот договор за култура, што денес според најавеното постапување можеби ќе ги доведе во прашање кај вработените во културата? Замислете ја таа правна доследност: нешто што во културата е спорно, кај други е прифатливо. Изгледа правдата не е слепа – понекогаш ѕирка и гледа за кого се однесува одлуката што ќе ја донесе“,
праша Атанасовска.

Таа додаде дека досегашните трпеливост и пристојност на синдикатот биле погрешно протолкувани како слабост, најавувајќи поотворено дејствување и префрлање на протестите пред Министерството за култура. Порача дека со денешната одлука уставните судии ќе покажат дали се бранители или „гробари на правата и правдата“.
„Денес и ние и судиите сме во црно – ние во знак на протест, а тие во име на правдата. Затоа симболично денес се одржува привид на погреб, но не на културата, туку на правната сигурност што уште пред една година нè предупредија дека ќе ја загубиме. Можеби денес ќе успеат да погребат еден колективен договор, но нека не се надеваат дека со тоа ќе ги погребат и луѓето што се борат за него“,
порача Атанасовска најавувајќи дека следните протести ќе продолжат пред Министерството за култура.
Потпретседателката на СКРМ упати кратка порака до уставните судии:
„Почитувани истакнати правници, можеби вие денес ќе им пресудите на работничките права, но вам ќе ви суди историјата“.
Во обраќањето на македонски и на албански јазик, синдикалниот претставник и актер предупреди дека евентуалното укинување на колективниот договор би создало опасен преседан за непочитување на сите договори во општеството, прашувајќи дали работничките права се враќаат два века наназад.
„Тие мислат дека се јаки, но ние ако се здружиме, ако бидеме заедно и ако одиме сè посилно и посилно, ќе бидеме појаки од нив“, истакна тој.

Инаку, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) во средата побара од Уставниот суд да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, закажано за петок, 27 ноември, и претходно да одржи јавна расправа на која ќе бидат сослушани сите засегнати страни.
Од Синдикатот изразуваат сомнеж дека одлуката е веќе однапред позната, наведувајќи дека и покрај два писмени дописи испратени во мај и во октомври годинава, сè уште не добиле ниту покана ниту одговор од Судот за учество на седницата, иако СКРМ е еден од директните потписници на договорот.
На ова од Уставен суд веднаш одговорија дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата е ставен на дневен ред на седница и веќе е во фаза на гласање.
Од Судот наведоа дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката, најавувајќи дека јавноста ќе биде навремено информирана по донесувањето на одлуката.
