Пораката на Османи доаѓа по серијата изјави на европратеникот од ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, и на лидерот на парламентарната партија Преродба, Костадин Костадинов, дадени во Скопје за ,,еден народ, две држави”
Секое доаѓање во Македонија за провокации и навреди кон македонскиот народ ќе биде последно, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој денеска во Софија, со бугарскиот колега Николај Милков, го посети повредениот охриѓанец Христијан Пендиков. Со повик за прекин на насилството и алудирајќи на минатонеделните случувања на одбележувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева, шефот на дипломатијата рече дека веќе нема да се толерираат провокации од политичари.
„Денес фокусот е на насилството врз Христијан кое го осудуваме, но исто така и провокација од политичари кои доаѓаат во Скопје и го негираат македонскиот народ, тоа мора да го прекинеме и тој вициозен циклус во кој сме влезени мора да престане. Затоа што тоа, веројатно, ќе биде последно доаѓање на секој што ќе ги навреди Македонците и било кој друг народ, како што нема да дозволиме навреди и насилство врз бугарската заедница“,
кажа Османи.
Османи деновиве беше под притисок на македонската јавност за прогласување ,персона нон грата” на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, па оваа негова изјава може да се смета за одговор на тие повици.
Минатиот викенд во Скопје се одржа чествување на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева, а организатори на настанот беа бугарската Фондација „Македонија“, како и бугарскиот европратеник и копретседател на партијата ВМРО-БНД од Бугарија, Ангел Џамбаски, кој повикуваше да прекине „геноцидот врз Бугарите наложен од Коминтерната“.
„Се собираме на Кејот на Вардар за да и оддадеме почит на големата Бугарка Мара Бунева и да укажеме поддршка на браќата Бугари во Македонија. Тука присуствуваат Бугари од различни делови, организации, но заедно сме да кажеме многу јасно на владејачките србомански политички елити да ги остават македонските Бугари. Да не ја продолжуваат политиката на геноцид кон Бугарите наложена од Коминтерната. Браќа Бугари во Македонија, ние Бугарите од Бугарија сме вашиот грб и потпора, нема да ве оставиме и нема да дозволиме никој да биде српечен како да се чувствува. Нема да дозволиме наметнување на туѓ културно-историски и политички модел на Бугарите во Македонија. Вечна слава на Мара Бунева и вечна слава на сите бугарски херои кои се бореа за ослободување на татковината и нејзино обединување“,
рече Џамбаски.
На видеото на Фејсбук од ова дефиле, Џамбаски напиша „Еден народ! Две држави!“
Провокациите од Џамбаски не се единствените што дојодоа од политичари од Бугарија, а беа искажани во Скопје. Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, кој е и лидер на националистичката партија Преродба, изминатите месеци во два наврати зборуваше дека Македонија е втора бугарска држава на Балканот. Една од изјавите ја даде среде Скопје каде што на 24 ноември присуствуваше на отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија.
Иако Османи денеска не прецизираше на кого се однесува неговата порака и дали тоа ќе значи забрана за влез во земјава за одредени политичари, неколку пати повика да се стави крај на провокациите од двете страни.
„Прво, ние нема да дозволиме негирање на бугарската заедница, како што нема да дозволиме негирање на макеоднскиот народ. Затоа, сакам да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Северна Македонија со цел навреди и негирање на македонскиот народ, ќе мораме серизоно да го адресираме. Тоа да биде последно доаѓање во РСМ, значи за двете прашања ќе мора подеднакво“,
рече Османи
По посетата на претепаниот охриѓанец кој беше пренесен во болницата во Софија, Османи и неговиот бугарски колега Милков повикаа да прекине насилството и да се казнат напаѓачите.