Левица им го честита Денот на Армијата на војниците, но истовремено обвинува дека буџетските издвојувања за одбраната во рамките на НАТО не се насочуваат кон независно јакнење на капацитетите

Оттаму велат дека по херојството прикажано во Конфликтот во 2001, сега, 25 години подоцна, наместо да прерасне во сериозна сила искалена во реална борба, Армијата бележи непрекинат пад на релевантните глобални листи според кои по моќноста се наоѓа на самото дно во регионот.
„Во ранговите на самата војска владее кадровска криза и незадоволство при што професионалниот состав страда од масовен одлив на обучен кадар и незадоволство од ниските примања. Поголемиот дел од касарните се изградени во времето на СФРЈ и со децении зјаат невозобновени. Санитарните услови се катастрофални – нема парно греење во зима, тоалетите се руинирани, спалните соби ги разјадува влага, а покривите протекуваат. Квалитетот на храната во армиските мензи често е под стандардот за физички активни професионалци, а редовни се поплаките за недостиг на основни хигиенски средства, поради што војниците сами купуваат материјали за одржување на просториите“,
велат од Левица.
Оттаму тврдат дека војниците на терен со години се соочуваат со недостиг на квалитетни обувки и униформи и дека често самите си докупуваат тактичка опрема од приватни продавници за да можат функционално да си ги извршуваат задачите.
„Додека се инвестираат милиони во скапи оклопни возила, војниците користат заштитни елементи (шлемови, панцири) кои технолошки се застарени и гломазни. Припадниците на АРМ кои обезбедуваат државни објекти или караули често престојуваат во импровизирани куќички без струја, вода и соодветна изолација. Унапредувањата во повисоки чинови, испраќањето во мисии во странство и прекомандите често се вршат под силно партиско-политичко влијание и врски. Тоа ја убива мотивацијата кај вистинските професионалци. Поради сето наведено, младите не се пријавуваат да служат во војската. Оние што се веќе внатре се преоптоварени – еден војник често извршува задачи за тројца (дежурства, стражи, физичка работа). Затоа и просечната старост на професионалните војници е висока“,
велат од Левица.
Партијата обвинува дека Безбедносниот сектор под раководство и на ДПМНЕ и на СДСМ – секогаш е поле за политички калкулации наместо апарат за создавање реална стратегија за одбрана.
„Набавките на воена опрема се бавни и оптоварени со комплицирани тендерски процедури и политички пазарења, што го забавува процесот на комплетна трансформација и модернизација на војската. Затоа, армиските структури се слабо подготвени за современите хибридни и сајбер-закани. Сајбер-одбраната (инаку клучна за модерното војување) е сè уште на очајно ниско ниво. Иако буџетот за одбрана е рекордно висок, парите не се насочуваат кон независно јакнење на капацитетите… Очигледно станува дека членството во НАТО на Република Македонија ѝ донесе буџетски оптеретувања и ослабнување на сопствената војска, на што Левица упорно посочуваше со години наназад“,
се вели во реакцијата од партијата.
За Левица, клучно е воено-безбедносниот сектор, како и сите останати суштински столбови на државноста и самостојноста да бидат оттргнати од рацете на, како што велат тие, „шпекулантите“ и „профитерите“ од „естаблишментските партии“. На став се дека треба да се овозможи во Армијата да дојдат до израз и да ја раководат професионалци и вистински патриоти кои ги одликуваат пред сѐ способноста и љубовта кон татковината.
„Честит Ден на Армијата на сите припадници на АРМ и сите граѓани на Република Македонија со желба и намера на нашата Армија да ѝ го вратиме сјајот и славата кои ги заслужува!“,
велат од Левица.
Инаку, со повеќе активности во Скопје, Штип и во Охрид, вчера и денеска се одбележува годишнината од формирањето на Армијата. Централната свеченост ќе се одржи денес во Кампот за обука на вода во Охрид со почеток во 11.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв.
