Со повеќе активности во Скопје, Штип и во Охрид, денеска и утре се одбележува годишнината од формирањето на Армијата. Централната свеченост ќе се одржи утре во Кампот за обука на вода во Охрид со почеток во 11.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв

Во касарната „Илинден“ во Скопје вечерва единицата на артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со истрелување десет плотуни од шест артилериски орудија во пресрет на утрешното одбележување на 18 август – Денот на Армијата и 34 години од нејзиното формирање.
„Нека одекне гордоста“ – кусо напиша министерот за одбрана Владо Мисајловски на својот профил на Фејсбук каде се објавени снимките од почесната стрелба.
Со повеќе активности во Скопје, Штип и во Охрид, денеска и утре се одбележува годишнината од формирањето на Армијата. Централната свеченост ќе се одржи утре во Кампот за обука на вода во Охрид со почеток во 11.00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв.

Триесет и четвртиот роденден на Армијата денеска беше одбележан и во касарната „Јане Сандански“ во Штип со смотра на 2. пешадиски баталјон и други армиски единици.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана полноправна членка на НАТО.
