Изборите се сметаат и за тест за политичкото влијание на Румен Радев, кој по повлекувањето од претседателската функција и победата на парламентарните избори во април стана премиер. Неговата партија Прогресивна Бугарија ја поддржува Јотова, додека Ѓуров ја има поддршката на прозападната реформска опозиција
Во Бугарија денеска се одржуваат претседателски избори, на кои право на глас имаат 6,59 милиони граѓани, во над 12 680 избирачки места (вклучувајќи 613 избирачки места во странство). Избирачките места беа отворени во 7 часот по локално време, а гласањето треба да трае до 20 часот. Доколку пред избирачките места има граѓани кои чекаат да гласаат, изборниот ден може да биде продолжен за еден час.

За функциите претседател и потпретседател се натпреваруваат 27 кандидатски двојки. Право на глас по првпат ќе имаат и околу 46 000 млади кои годинава полнат 18 години.
Во Бугарија се предвидени 9 373 избирачки места со машини за гласање. Во поголемите избирачки места, со повеќе од 780 запишани избирачи, ќе има по две машини, а вкупниот број уреди изнесува 11 622.
Бугарските државјани во странство ќе можат да гласаат на 613 избирачки места.
Главната политичка трка на претседателските избори во Бугарија се води меѓу Илијана Јотова и Андреј Ѓуров.
Според Асошиејтед прес, кампањата ја одбележале економските тешкотии, цените на енергенсите и ставовите кон војната во Украина.
Изборите се сметаат и за тест за политичкото влијание на Румен Радев, кој по повлекувањето од претседателската функција и победата на парламентарните избори во април стана премиер. Неговата партија Прогресивна Бугарија ја поддржува Јотова, додека Ѓуров ја има поддршката на прозападната реформска опозиција.
Резултатот ќе покаже дали Радев ќе успее да ја прошири политичката поддршка и да ја претвори парламентарната победа во подолгорочно влијание.
Јотова ја презеде претседателската функција во јануари, откако Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори. Претходно таа беше негова потпретседателка. Сега се кандидира за сопствен петгодишен мандат, со поддршка и од Бугарската социјалистичка партија.
Нејзиниот главен противкандидат, Андреј Ѓуров, е економист, поранешен вицегувернер на Бугарската народна банка и поранешен технички премиер.
За победа во првиот круг е потребно кандидатската двојка да освои повеќе од половина од гласовите на избирачите кои гласале, под услов на изборите да учествувале повеќе од половината од запишаните избирачи.
Доколку ниту еден кандидатски пар не ги исполни условите за победа во првиот круг, вториот круг е закажан за 1 ноември.
Тоа значи дека ниската излезеност може да доведе до втор круг дури и ако една кандидатска двојка освои повеќе од 50 отсто од важечките гласови.
