Долги редици се формираа пред гласачките места уште рано утрово. Според процената на Ипсос и ЦеСИД, до 9 часот гласале 12 отсто од избирачите, наспроти 5,3 отсто во истиот период на претходните парламентарни избори
До 10 часот на предвремените парламентарни избори во Србија гласале 19,8 отсто од запишаните избирачи, покажува процената на набљудувачката организација ЦРТА. Тоа е двојно повисока излезност во споредба со изборите во 2023 година, кога до истиот час гласале 9,8 отсто од избирачите.

Процената на ЦРТА е со маргина на грешка од ±0,6 процентни поени, а организацијата го следи гласањето со повеќе од 2 000 набљудувачи на репрезентативен примерок од 500 гласачки места.
Претходно, Ипсос и Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) проценија дека до 9 часот гласале 12 отсто од избирачите. На претходните парламентарни избори во 2023 година, излезноста до тој час била 5,3 отсто.
Уште од рано утрово се формираа долги редици пред гласачките места во Белград, Нови Сад, Чачак и Шабац, а на дел од нив граѓаните чекале и пред отворањето во 7 часот, пренесува Танјуг. Големи редици се забележани и во Рашка, Врање и Рудница, каде што гласаат избирачи од Косово.
Според ЦРТА, гласачките места главно биле навреме отворени, но на 16 отсто отворањето доцнело повеќе од десет минути. На четири отсто набљудувачите забележале несоодветни подготовки, поради кои имало расправии меѓу членовите на избирачките одбори и доцнење на почетокот на гласањето.
Во неколку случаи на набљудувачите на ЦРТА првично им бил оневозможен пристап, но проблемот бил решен по интервенција на Републичката изборна комисија (РИК).
Организацијата предупредува и дека околу 30 000 избирачи не се наведени по азбучен ред во изводите од избирачкиот список. Нивните имиња се наоѓаат на крајот или на друго место во изводите, поради што ги повикува граѓаните да побараат дополнителна проверка доколку не бидат пронајдени.
На изборите учествуваат 18 изборни листи со вкупно 2 418 кандидати за 250 пратенички места. Право на глас имаат 6 451 292 избирачи, а гласачките места се отворени до 20 часот.
