Српскиот портал „Н1“ објави дека српски државјани се собрале во кафуле во Санта Моника, во близина на Лос Анџелес, а потоа организирано, во колона, се упатиле кон избирачкото место
Големи редици за гласање се забележани на повеќе избирачки места во дијаспората на денешните вонредни парламентарни избори во Србија.
Долги колони граѓани имало пред избирачките места во Вашингтон, Виена и Љубљана, а во Лос Анџелес се формирала редица од стотици луѓе.
На видео што се појави на социјалната мрежа Икс, се гледа како луѓе се забавуваат во едно кафуле во Лос Анџелес, чекајќи да почне гласањето.

Гласањето за српската дијаспора се организира на 93 избирачки места во 37 земји, а за него се регистрирани повеќе од 102 000 граѓани.
Републичката изборна комисија одлучи избирачките места во странство да се отвораат и затвораат во исто време како и во Србија, од 7 до 20 часот по средноевропско време. Поради ова, дел од граѓаните мораа да гласаат во текот на ноќта или во раните утрински часови, зависно од временската зона во земјата во која се наоѓаат.
Ogromna gužva na biračkom mestu U Ljubljani, čeka se satima https://t.co/4J4PqQLB7e
— Autonomija Info (@autonomijandnv) October 25, 2026
Во Чикаго гласањето се одвиваше од 1 до 14 часот по локално време, додека во Њујорк и во Вашингтон избирачките места се отворени од 2 до 15 часот. Во Лос Анџелес гласањето започна во 23 часот по локално време.
Начинот на организирање на гласањето предизвика реакции кај дел од здруженијата и претставниците на дијаспората, кои укажуваат дека граѓаните мораат да патуваат стотици, па и илјадници километри до избирачките места.
Српските власти, пак, наведуваат дека термините и локациите се утврдени според логистички, безбедносни и кадровски критериуми.
