Рудан боледуваше од редок облик на рак на жолчните канали

По долга и тешка борба со ракот, на 77-годишна возраст почина хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан.
Утрово, на официјалниот профил на Ведрана Рудан на Фејсбук беше објавено дека таа „замина во област без сигнал“.
Рудан боледуваше од редок облик на рак на жолчните канали.
„Бидејќи имав редовни прегледи, ракот беше операбилен. Операцијата помина добро, лимфните јазли беа чисти и сè беше во ред. Првиот преглед помина добро и немаше метастази. Сепак, на вториот преглед, во рок од два месеци, веќе имаше многу метастази“,
раскажуваше таа во телевизиско гостување.
Рудан е родена во Опатија во 1949. Дипломирала хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека. Работела како наставничка, туристички водич, продавачка на сладолед и новинарка за голем број хрватски медиуми.
Објавила дела кои се преведени на англиски, унгарски, словенечки, полски, француски, италијански, руски и на македонски јазик. Неколку од нејзините книги се преведени во Русија, а неколку раскази и книги во Америка. Театарски претстави засновани на нејзините книги се изведувани во Риека, Загреб, Белград, Варшава, Лондон, Санта Моника и Будимпешта.
