Реакцијата на СДСМ следува откако вчера Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека од синоќа на полноќ малопродажните цени на бензините се зголемуваат за 4,5 денари по литар, додека дизелот ќе се продава за 6,5 денари поскапо
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) утрово реагира на значителното зголемување на цените на горивата, обвинувајќи ја Владата дека не презела ниту една мерка за заштита на стандардот на граѓаните.

„Од денеска бензините поскапуваат за 4,5 денари, а дизелот за 6,5 денари. Владата повторно не презеде ниту една мерка да го ублажи ударот. Ниту навреме, ниту сега. Нема намалување на акцизата. Нема привремена интервенција. Нема ниту обид да се заштити животниот стандард на граѓаните“,
се вели во соопштението од Бихаќка.
Според социјалдемократите, порастот на цените на горивата е директна последица на, како што велат, катастрофалната економска политика што ја води Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Оттаму, во тој контекст, велат дека додека премиерот се фали со статистика и зборува дека земјава е трета економија во Европа, граѓаните плаќаат сè повисоки цени за гориво, храна и други производи.
Поскапувањето на горивата, посочуваат од СДСМ, директно придонесе за зголемување на цените на основните прехранбени производи, на трошоците на земјоделците, на транспортот и трошоците на работниците кои секојдневно патуваат.
Владата, велат од опозициската партија, имала можност да реагира, но не го сторила тоа, затоа што, според СДСМ, на оваа власт ѝ е полесно да ги остави товарот на граѓаните, отколку да ја понесе одговорноста за сопствената економска политика.
„Граѓаните го чувствуваат секој ден. На каса. На пумпа. Во празниот паричник. Тоа е вистинската статистика за Мицкоски“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Реакцијата на СДСМ следува откако вчера Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека од синоќа на полноќ малопродажните цени на бензините се зголемуваат за 4,5 денари по литар, додека дизелот ќе се продава за 6,5 денари поскапо. Според последната одлука на Регулаторна, за шест денари по литар поскапе и екстралесното масло за домаќинство.
Со зголемувањето, литар бензин Еуросупер БС-95 од денеска се продава по цена од 91,5 денари по литар, бензинот Еуросупер БС-98 за 93,5 денари по литар, литар дизел ќе чини 98 денари, а цената на екстралесното масло е 98,5 денари.
Инаку, Собранието на 20 јули донесе одлука за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати која ќе трае до 20 октомври. Продолжувањето на кризната состојба од 21 јули до 20 октомври треба да овозможи континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари.
Потоа Владата донесе одлука за намалување на акцизите на бензинот и дизелот, а со цел да се амортизира дел од ценовниот раст.
